Премиерот Христијан Мицкоски не стравува од истрагата што се води во Унгарија во врска со кредитот од една милијарда евра што Македонија го доби од унгарската Ексимбанка.
„Дали стравувам од истрагата? Апсолутно не“, порача Мицкоски, додавајќи дека кредитот бил дел од стратешкото партнерство меѓу двете земји и бил одобрен со поддршка од двете влади и парламенти.
Унгарските власти истражуваат можна корупција за кредитот доделен на Македонија
Според него, средствата биле потрошени транспарентно, а истрагата е внатрешна работа на унгарските институции.
„Претпоставувам дека институциите таму ќе си ја завршат работата и ќе излезат со соопштение поврзано со тој заем“, рече премиерот.
Мицкоски истовремено изрази благодарност до Унгарија за поддршката што, како што рече, Македонија ја добила во периодот кога неговата влада се соочувала со сериозни финансиски проблеми.
Од унгарскиот кредит, половина милијарда евра биле искористени за враќање на еврообврзница, додека останатите средства беа наменети за проекти во општините и за поддршка на стопанството.
Мицкоски се осврна и на политичките промени во Унгарија и заминувањето на Виктор Орбан, оценувајќи дека тоа нема да ја прекине поддршката на Будимпешта за Македонија и Западен Балкан.
Тој ги коментираше и изјавите на новиот унгарски премиер Петер Маѓар дека не поддржува забрзан прием на ниту една земја кандидат во ЕУ.
Мицкоски смета дека таквата позиција не се однесува на земјите од Западен Балкан, посочувајќи дека Маѓар во повеќе наврати досега ја потврдил поддршката за регионот.
„Убеден сум дека тоа што го кажал Маѓар не го мисли за Балканот“, рече Мицкоски.








