Пратеникот од СДСМ, Димитар Ковачевски, побара конкретни податоци за ефектите од оптимизацијата на училишната мрежа, затворањето и спојувањето на паралелките, како и за прераспределбата на наставниот кадар. Министерката за образование и наука Весна Јаневска одговори дека реформата е насочена кон подобрување на квалитетот на образованието и уверуваше дека ниту еден наставник не останал без работа.
На денешната собраниска седница, Ковачевски праша колку училишта и паралелки се затворени или споени во учебната 2026/2027 година, колку ученици биле префрлени во други училишта и дали за нив е обезбеден бесплатен и безбеден превоз. Тој побара и информации за растојанијата што децата сега ги поминуваат до училиштата, како и за условите во кои ја следат наставата.
Според него, намалувањето на бројот на училишта и паралелки не значи автоматски и подобро образование, па побара од Министерството да покаже дали реорганизацијата навистина ги подобрува условите за учениците или првенствено ги намалува трошоците на образовниот систем.
Ковачевски отвори и прашања за наставниците опфатени со оптимизацијата, односно колку од нив се прераспределени на други работни места, колку се во постапка на доквалификација или преквалификација и дали има наставници чиј работен статус сè уште не е решен.
Одговарајќи на прашањата, Јаневска рече дека оптимизацијата и воведувањето едносменска настава се мерки за поквалитетно образование, за чие спроведување Министерството има поддршка од УНИЦЕФ. Таа посочи дека е направена анализа на вишокот паралелки и наставници и дека е изработен план за реорганизација на училишната мрежа.
Министерката информираше дека во земјава има вкупно 1.023 училишни објекти, од кои 914 се основни училишта, а едносменска настава е воведена и во 37 објекти во средното образование.
– Точно е дека затворивме уште околу 33 училишта затоа што нема првачиња. Но, кога децата од мали групи ќе се префрлат во поголеми, имаат повеќе можности да се дружат, да се натпреваруваат и да создаваат емотивни врски – рече Јаневска.
Во однос на наставниот кадар, министерката не посочи конкретни бројки за прераспределените наставници, но нагласи дека никој не останал без работа и дека нема да има трансформација на работните односи. Нови вработувања, според неа, ќе има само таму каде што постои реална потреба, а како пример го посочи Скопје.
– Во минатото образованието, а веројатно и некои други сектори, служело за купување социјален мир. Тоа го правеле сите влади во минатото. Нема да има трансформација, а нови вработувања ќе има само таму каде што е неопходно – рече Јаневска.
Таа посочи дека посетила неколку училишта во кои учениците биле префрлени во други објекти, за да провери како се одвива наставата. Како пример го наведе Долни Балван, од каде што децата продолжиле да учат во поголемо училиште во друго село.
Јаневска рече дека од разговорите со учениците и наставничката се уверила дека тие се задоволни од новите услови, но додаде дека сè уште е рано да се оценуваат ефектите од оптимизацијата врз квалитетот на образованието.
– Треба да заврши учебната година за да го анализираме ефектот врз квалитетот на образованието – истакна министерката.
Ковачевски, пак, најави дека дополнителни прашања ќе достави и во писмена форма, а како клучен показател за успешноста на реформата го посочи подобрувањето на знаењата на учениците, вклучително и резултатите од меѓународните ПИСА-тестирања.









