Поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, и поранешниот вицепремиер Артан Груби имале блиски, пријателски односи, а Бајрами го нарекувал Груби „шефот“. Ова го изјави сведокот на Обвинителството, Андреј Крстевски, на денешното рочиште за случајот со злоупотребите во Државна лотарија.
Како што пренесува „Слободен печат“, Крстевски, кој во претпријатието извршувал повеќе функции, меѓу кои член на Управниот и Надзорниот одбор и заменик-директор, сведочел и за начинот на кој се донесувале одлуките, како и за набавката на ВЛТ терминалите.
Поранешен член на Управниот одбор на „Лотарија“ сведочеше: Не гласавме за набавка на ВЛТ-терминалите
Тој посочи дека за набавката бил повикан во кабинетот на Бајрами, каде што директорот му ја претставил идејата, по што сметал дека членовите на Управниот одбор требало да се изјаснат за предлогот.
Сепак, за текот на постапката дознал дури откако таа била завршена, и тоа од лица кои учествувале во комисиите задолжени за спроведување на набавката.
Во врска со тоа каде се наоѓаат терминалите, Крстевски изјавил дека, според неговите сознанија, тие не биле ставени во функција, туку биле складирани во магацин на претпријатието.
На прашањето за односите меѓу Бајрами и Груби, сведокот посочил дека двајцата биле пријатели, членувале во иста политичка партија и присуствувале на партиски собири. Додал дека Бајрами за поранешниот вицепремиер користел и назив „шефот“.
За време на вкрстеното испрашување, Крстевски потврдил дека членовите на Управниот одбор при носењето одлуки се потпирале на мислењата и насоките од правната и финансиската служба.
По рочиштето, адвокатот на Бајрами, Еленко Миланов, изјави дека набавката на ВЛТ терминалите била предвидена во финансискиот план и планот за јавни набавки, а за неа постоеле и одлука на Надзорниот одбор и заклучок на Владата. Тој тврдеше дека нема пречка апаратите да бидат ставени во употреба или продадени, додавајќи дека нивната вредност во меѓувреме се зголемила.
Во случајот „Државна лотарија“, покрај Бајрами и Груби, обвинети се и поранешни членови на Надзорниот одбор. Според обвинението, со пречекорување на службените овластувања била предизвикана штета на претпријатието од 596.125.511 денари. Обвинетите досега се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
Падот на Перпарим Бајрами – хронологија на аферите во Државна лотарија







