По примерот на Артан Груби, кој пеш од граничниот премин Блаце влезе на македонска територија при што беше уапсен од македонската полиција, речиси шест и пол месеци подоцна на ист начин се предаде и Перпарим Бајрами, поранешниот директор на Државна лотарија на Македонија. И двајцата се обвинети во случајот со набавката на ВЛТ апарати за коцкање и нанесена штета на акционерското друштво од 9,7 милиони евра.
По повеќе од една година во бегство, утринава 05:35 часот, Перпарим Бајрами самоволно се пријавил кај надлежните органи. По Бајрами беше распишана мерка „апси“ по барање на Одделението за потраги при МВР.
За разлика од Артан Груби, за кого и медиумите и власта шпекулираа дека се криеше во Драч, Албанија, за Перпарим Бајрами немаше информации каде се наоѓа. Во декември 2024 година, неговиот адвокат кажа дека Бајрами не е избеган од Македонија, туку дека повеќе месеци живее надвор од државата. Таа информација во јавни настапи ја потврди и премиерот Христијан Мицкоски. При претресот во неговиот дом во Куманово, полицијата најде и заплени 50.000 швајцарски франци, по што беше распишана меѓународна потерница.
Афери и пријави
Од утринава Перпарим Бајрами е спроведен во притвор во Шутка. Тој беше речиси четири години генерален директор на Државната лотарија во времето на власта на СДСМ и ДУИ.
Во времето кога раководеше со Државната лотарија се отворија повеќе истраги, кривични пријави и институционални проверки – од договорот за милионскиот закуп во Визбегово, преку тендери и маркетинг набавки.

Во октомври 2023 година, Радио Слободна Европа објави истражување за договорот со кој Државна лотарија закупила поранешен ресторан за свадби со намена за нов деловен простор во Визбегово. Според договорот, Лотарија требаше да плаќа повеќе од 21 илјада евра месечно, односно околу 2,6 милиони евра за десет години.
Договорот бил склучен во мај 2023 година со „Хеј ДООЕЛ“, компанија основана само неколку месеци претходно. На договорот од страна на Лотаријата потписник бил токму тогашниот директор Перпарим Бајрами. РСЕ подоцна објави дека за само 13 месеци Државна лотарија исплатила повеќе од 300 илјади евра за закупот, иако објектот во меѓувреме не заживеал како ново седиште на акционерското друштво.
Претходното раководство планираше и реконструкција на објектот, за која бил предвиден тендер од околу 1,8 милиони евра. По промената на власта и раководството на Лотаријата, договорот беше еднострано раскинат.

Но, приказната не заврши тука. Во февруари 2025 година ,Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против Бајрами за злоупотреба на службената положба и овластување. Според пријавата, просторот не ги исполнувал условите од јавниот повик, а цената за закупот била двојно повисока од проценетата пазарна вредност. Финансиската полиција пресметала штета за Државна лотарија од 400.586 евра.
Паралелно со закупот, истражителите почнаа да ги проверуваат и јавните набавки во Државна лотарија. Во центарот на вниманието се најде кумановската компанија „Ритрон копи“, сопственост на Артан Ајрули.
Истражувањата покажаа дека токму од периодот кога Бајрами ја презел директорската функција во јануари 2022 година, „Ритрон копи“ почнала да добива тендери од Државна лотарија.
Од јуни 2022 до октомври 2023 година биле склучени шест договори за набавка на телевизори, компјутерска и комуникациска опрема, мултифункциски уреди и графички станици. Вкупната вредност била 365.252 евра. По заминувањето на Бајрами, Лотаријата ги стопирала рамковните договори со компанијата.
Финансиската полиција изврши вонреден попис на телевизорите набавени од „Ритрон копи“, проверувајќи колку уреди навистина биле испорачани и дали одговарале на договорените спецификации. Подоцна, Финансиската полиција поднесе кривична пријава против Бајрами. Според нејзините наводи, како генерален директор тој одобрил исплата на фактури со невистинита содржина, со што била овозможена противправна имотна корист од 3.102.015 денари. Сопственикот Артан Ајрули беше лишен од слобода во рамки на истрагата.
Во приказната за тендерите се појави и компанијата „АП Солутионс“. Фирмата доби договор вреден околу 205 илјади евра за набавка на 95 лотариски терминали. Она што дополнително го привлече вниманието беше сопственикот и управител на компанијата – тогаш 19-годишниот Фљамур Невзади. Според истражувањето на РСЕ, Невзатовски во тој период бил вработен во „Ритрон копи“, компанијата која била и единствен конкурент на „АП Солутионс“ на тендерот.
Токму оваа околност отвори прашања за реалната деловна улога на Невзатовски, неговото искуство и начинот на кој компанијата дошла до договорот со Државна лотарија.
Антикорупциска: 11 од 12 тендери со констатирани прекршувања
Ако за „Ритрон копи“ и „АП Солутионс“ истрагата се фокусираше на конкретни договори и компании, Државната комисија за спречување на корупцијата направи поширока анализа на тендерите за маркетинг и промоција. Од 12 анализирани тендери, кај 11 биле утврдени прекршувања на Законот за јавните набавки, според експертизата на надворешниот експерт ангажиран од ДКСК.

Најчесто се повторувале проблемите со недефинирани критериуми за оценување, субјективното бодување на понудите и ризикот од дискриминација и ограничување на конкуренцијата.
Еден од анализираните тендери бил тежок 243.902 евра и се однесувал на закуп на веб-портали и маркетинг кампања за наградна игра. Експертот ангажиран од ДКСК оценил дека иако била наведена формула за бодување, не биле доволно јасно дефинирани критериумите врз основа на кои комисијата требало да го оценува квалитетот на понудите.
И ревизорите открија финансиски неправилности во Лотарија
На низата случаи се надоврзува и извештајот на Државниот завод за ревизија за работењето во време на тогашниот директор Перпарим Бајрами.
Ревизорите констатирале нелогични и непостоечки трансакции, записи без соодветна финансиска документација или со неверодостојни документи, како и сомнежи за злоупотреба на пари.
Нивните наоди се дека во 2024 година продажбата на лотариски и електронски игри на среќа на десет сопствени продажни места изнесувала 46,039 милиони денари, односно околу 747 илјади евра, но парите не биле редовно уплаќани на сметките на Друштвото во деловните банки, иако тоа било законска обврска.










