Македонскиот и бугарскиот политички врв и натаму испраќаат спротивставени пораки за деблокирање на европскиот пат на земјава. Премиерот Христијан Мицкоски порачува дека Владата нема да прифаќа нови отстапки без сигурност дека спорот ќе биде конечно надминат, додека бугарската претседателска кандидатка Илијана Јотова најавува дека Софија нема да се повлече од досега утврдените позиции. Во такви околности, уставните измени остануваат главната пречка за продолжување на преговорите со Европската Унија, а дипломатските контакти со европските партнери се еден од начините на кои Скопје се обидува да најде излез од блокадата.
Мицкоски: Нема нови отстапки без гаранции
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека актуелната Влада наследила тежок политички проблем во односите со Бугарија и дека неговото надминување бара време и внимателен пристап. Тој повтори дека нема да се преземаат дополнителни чекори доколку не постојат гаранции дека со нив ќе се затвори спорот и дека европскиот процес ќе продолжи без нови условувања.
Во интервју за Канал 5, Мицкоски ја бранеше политиката на Владата, нагласувајќи дека има легитимитет од граѓаните да ги застапува државните интереси и дека не прифаќа притисоци за брзи решенија.
„Додека не бидеме сигурни дека со ова го решаваме целиот проблем, сè додека не бидеме сигурни дека ова е двонасочна улица, ќе се бориме. Зошто ми го оспорувате правото да се борам? Јас не сум рекол дека утре, веднаш ќе цутат цвеќињата, птиците ќе пеат и сè ќе биде розово. Не, ова е тежок процес бидејќи товарот што овие ни го оставија пред нас е толку тежок што поместуваме планини за да мрднеме милиметар напред. И нема проблем, ќе ги поместуваме, но оставете нè, не ни ставајте нови товари“, изјави Мицкоски.
Премиерот смета дека Владата мора да има простор за дипломатско дејствување и дека нејзината позиција не значи откажување од европската перспектива, туку барање решение кое нема повторно да ја остави земјата пред нови билатерални пречки.
Јотова: Бугарија нема да отстапи од договореното
Додека Скопје бара дополнителни гаранции, од Софија доаѓа порака дека нема промена во досегашната политика кон Македонија. Бугарската претседателска кандидатка Илијана Јотова, на дебатата со Андреј Ѓуров на бугарската национална телевизија БНТ, порача дека ќе продолжи да инсистира на спроведување на договореното и дека нема да се повлече од бугарските позиции.
„Во мое лице гледате човек кој нема да отстапи ниту сантиметар од веќе договореното. Ќе продолжиме да инсистираме и пред нашите европски партнери договорот и европските политики да бидат спроведени“, изјави Јотова.
Таа оцени дека нема доволен напредок во однос на правата на лицата со бугарска самосвест во Македонија и справувањето со говорот на омраза. Говорејќи за францускиот предлог, Јотова ја пофали улогата на тогашниот претседател Румен Радев во неговото усогласување и упати критики кон поранешниот премиер Кирил Петков.
Нејзиниот противкандидат Андреј Ѓуров, пак, оцени дека со францускиот предлог бугарските барања станале дел од заедничката европска позиција. Како клучен дел од договореното го посочи вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав.
Поддршка од европските партнери, но без конкретен излез од блокадата
Паралелно со спротивставените пораки од Скопје и Софија, македонската дипломатија продолжува да бара поддршка од земјите членки на Европската Унија. На средбата со словачкиот министер за надворешни и европски работи, Јурај Бланар, шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски добил поддршка за пристапниот процес заснован на заслуги и противењето на двојни стандарди.
Бланар од Скопје порача дека Унијата мора да испрати јасна порака дека членството е достижна цел за земјите од Западен Балкан. Во спротивно, предупреди тој, расте опасноста од зголемување на разочарувањето во регионот и губење на европското влијание.
Муцунски, пак, повтори дека евроинтеграциите треба да се водат според предвидливи правила, утврдени критериуми и заслуги. Тој потврди дека разговорите со Бугарија ќе продолжат, но нагласи дека секое решение мора да има поддршка од сите земји членки на Унијата.
Поддршка за европската перспектива на Македонија изрази и црногорскиот вицепремиер за надворешни и европски прашања, Филип Ивановиќ. Тој порача дека Црна Гора ќе продолжи да ја поддржува земјава на патот кон членството, нагласувајќи дека Европската Унија не може да биде целосна без интеграција на државите од регионот.
И покрај поддршката од дел од европските партнери, засега нема конкретен сигнал дека спорот со Бугарија може наскоро да биде надминат. Скопје инсистира на гаранции дека нема да следуваат нови условувања, додека Софија останува на позицијата за спроведување на веќе договореното. Така, европската перспектива на Македонија и натаму е меѓу дипломатските напори за деблокада и политичките позиции од кои двете страни засега не отстапуваат.
Муцунски бара предвидлив европски пат, најави можност за средба со бугарската колешка во декември







