Четири случаи на морбили се потврдени во земјава, од кои три се кај македонски државјани од Велес, Штип и Скопје, а едно заболено лице е државјанин од Косово. Кај сите тројца домашни пациенти станува збор за невакцинирани лица, информираше денеска министерот за здравство Сашо Клековски.
Заболени се бебиња помлади од 12 месеци, кои сè уште не се опфатени со редовната вакцинација, додека третото лице е на возраст над 40 години. Едно од бебињата било хоспитализирано на Клиниката за инфективни болести, но веќе е пуштено на домашно лекување и е во добра состојба.
Засега не е утврдено дали трите домашни случаи се меѓусебно поврзани. Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје ги завршуваат епидемиолошките анализи, по што ќе биде објавено дали постои заеднички извор на заразата или друга поврзаност меѓу заболените.
Клековски рече дека во моментов нема услови за прогласување епидемија, но предупреди дека ризикот е зголемен поради епидемиите во соседно Косово и Бугарија.
„Граѓаните треба да проверат дали имаат примено две дози вакцина или дали ја прележале болеста. Ова особено се однесува на здравствените работници, кои се во непосреден контакт со пациентите и се изложени на поголем ризик“, порача министерот.
Тој апелираше лицата кои имаат температура и осип да не одат директно во здравствените установи, туку најпрво телефонски да се консултираат со лекар. Морбилите се високо заразни, а вирусот може да остане активен во воздухот околу два часа, поради што престојот во чекалниците може да придонесе за ширење на инфекцијата.
Надлежните институции веќе преземаат мерки за спречување на понатамошно ширење на болеста. Изготвени се протоколи за здравствените установи, а здравствените работници треба да ја проверат сопствената вакцинална заштита и дали имаат прележано морбили.
Упатства се доставени и до градинките и училиштата преку надлежните министерства, а подготвени се и протоколи за граничните премини. Министерот ги повика граѓаните што планираат патување во Косово и Бугарија да проверат дали се соодветно заштитени со вакцинација.
Во меѓувреме, Министерството за здравство е во контакт со надлежните институции во Косово за размена на информации поврзани со случајот на странскиот државјанин. Според Клековски, тројцата македонски пациенти не патувале во странство, поради што се испитуваат можните контакти во земјава.
Поради можноста за појава на случаи кај најмалите деца, издадена е наредба Клиниката за детски болести да се подготви за прием и третман на бебиња со морбили, бидејќи Клиниката за инфективни болести не е соодветно опремена за нивно лекување.
Од Министерството информираат дека има доволно вакцини. Во моментов на располагање се 14.000 дози, а постои можност за обезбедување дополнителни количини доколку има потреба. Клековски посочи дека при претходните прогласени епидемии биле искористени околу 50.000 вакцини, главно поради заостанување во редовната имунизација кај дел од генерациите.
Комисијата за заразни болести веќе заседава и ги разгледува препораките за спречување на ширењето на морбилите. Министерот повика на зголемена внимателност кај родителите, здравствените работници, градинките и училиштата, со цел актуелните случаи да не прераснат во поголемо жариште.







