Сопственикот на српската „Алта банка“, Давор Мацура, е уапсен под сомнение дека од трезорот на банката изнел околу 45 милијарди динари, односно приближно 383 милиони евра. Заедно со него се уапсени уште двајца вработени во банката, соопшти Јавното обвинителство за организиран криминал во Србија, а пренесува Н1.
Според обвинителството, Мацура се сомничи за злоупотреба на положбата на одговорно лице, додека другите двајца осомничени му помогнале во извршувањето на делото.
Уапсен сопственикот на „Алта банка“, Давор Мацура, по повеќе од 30 часа полициски претреси
Претходно денеска за порталот Н1 било потврдено дека Мацура е задржан во полиција. Неговиот адвокат изјавил дека тој утре по 12 часот ќе биде сослушан во Обвинителството за организиран криминал.
На 31 октомври и 1 ноември 2026 година биле извршени претреси во просториите на „Алта банка“, како и во станбениот простор на Мацура. При претресот во банката бил извршен попис на готовината во трезорот.
Според сомнежите на обвинителството, Мацура ги пречекорил своите овластувања, а Г.М. и И.П., кои биле задолжени за непосредно ракување со вредностите во трезорот, му овозможувале неовластен пристап. Тие наводно му ги предавале картичките за влез или со своите картички и присуство му овозможувале да влегува во трезорот „Депо“, од каде што тој изнесувал пари.







