Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, призна дека новиот дигитален систем за регистрација на влез и излез од Европската унија (ЕЕА) се соочува со технички проблеми. Изјавата доаѓа по бројните поплаки за чекање со часови на границите и аеродромите.
Говорејќи на прес-конференција во Корк, Ирска, Фон дер Лајен рече дека Европската комисија работи со земјите-членки на отстранување на тешкотиите во функционирањето на системот.
„Работиме со земјите-членки на решавање на техничките проблеми“, рече таа.
Проблемите дојдоа до израз особено за време на летната туристичка сезона. Аеродромите и авиокомпаниите предупредуваат дека новиот систем, кој бара патниците од земјите надвор од ЕУ да ги регистрираат своите биометриски податоци, предизвикува повеќечасовни чекања, одложувања на летови и пропуштени трансфери.
Ова е првпат Европската комисија јавно да ги признае сериозните тешкотии, откако претходно тврдеше дека влијанието на системот на повеќето аеродроми е ограничено.
Претставниците на европските аеродроми и авиокомпании наведуваат дека патниците чекаат до пет часа на граничните контроли во најфреквентните времиња. Затоа тие побараа да им се дозволи на земјите членки привремено да ја прекинат примената на системот во текот на јули и август.
Системот EES бара од државјаните кои не се членки на ЕУ да земат отпечатоци од прсти и фотографии од лицето при прв влез во ЕУ. Целта е да се заменат печатите во пасошот со дигитални записи, што ќе го олесни откривањето на пречекорувања на дозволениот престој и употребата на фалсификувани патни документи.
Сепак, на некои големи аеродроми, граничната полиција сè уште внесува податоци рачно, додека само Шведска и Португалија досега воведоа апликации за брза регистрација.
Поради густиот сообраќај, некои аеродроми и пристаништа привремено го суспендираа собирањето биометриски податоци со цел да се забрза протокот на патници.
И покрај проблемите, Европската комисија нагласува дека системот придонесува за поголема безбедност.
Според ирскиот министер за внатрешни работи Џим О’Калаган, од воведувањето на EES, речиси 110 милиони патници поминале низ системот, а околу 1.000 лица се идентификувани како претставуваат безбедносен ризик за Европската Унија.








