Скопје денеска одбележува 82 години од ослободувањето од фашистичката окупација. На 13 ноември 1944 година, по неколкудневни тешки улични борби, единиците на Народноослободителната војска влегле во градот и го означиле крајот на окупацијата.
Во завршната операција учествувале борците од 42. и 50. народноослободителна дивизија и 16. македонска ударна бригада, како и други македонски единици. Значајна улога имале и локалните групи на отпорот, чии припадници добро ги познавале градските улици и им помагале на борците во уличните судири.
Најжестоките борби се воделе на 12 и 13 ноември, особено кај Старата железничка станица, Офицерскиот дом, Народната банка, Поштата и Учителската школа. Посебно значајно било спречувањето на германските сили да ги минираат Камениот мост и хидроцентралата „Матка“, чие уништување можело да предизвика големи последици за градот.
Слободата била платена со висока цена. Во борбите за ослободување на Скопје загинале повеќе од 420 партизани и партизанки, а во текот на Втората светска војна животот го загубиле околу 4.600 жители на градот. При повлекувањето на германските сили биле стрелани и деветмина цивили кај кејот на Вардар, во близина на Камениот мост.
По повод годишнината, делегации ќе положат цвеќе пред Споменикот на ослободителите на Партизанските гробишта во Бутел, на гробот на генералот Михајло Апостолски и пред споменикот на ослободителите пред зградата на Владата. Во Македонската опера и балет вечерва ќе се одржи и свеченото доделување на наградите „13 Ноември“.
Датумот останува еден од најзначајните во историјата на главниот град – потсетник на борбата за слобода, жртвата на учесниците во Народноослободителната борба и придонесот на скопјани во ослободувањето на својот град.









