Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) активираше тимови за пребарување по пријава за исчезнато лице за кое постојат индиции дека било забележано во близина на реката Вардар, на подрачјето на Гостивар.
Акцијата се спроведува по официјално барање на Полициската станица Гостивар, а на терен е и заменик-директорот на ДЗС, Кашмир Салиу.
Во потрагата се вклучени припадници на Тимот за брз одговор за спасување на вода при ДЗС, со логистичка поддршка од подрачното одделение во Гостивар. Екипите работат во координација со полициските службеници од ОВР Гостивар и локалните служби.
Пребарувањето се одвива долж текот на Вардар, од критичните точки во градското подрачје до деловите низводно. Од ДЗС информираат дека операцијата ќе продолжи сè додека не биде завршена.
Од Дирекцијата апелираат до жителите на Гостивар и околните населени места, доколку имаат информации за исчезнатото лице или забележат нешто долж речното корито, веднаш да ги известат полицијата, надлежните служби за заштита и спасување или Центарот за управување со кризи на телефонскиот број 112.








