СДСМ бара Јавното обвинителство да ги испита контактите и евентуалните договори меѓу премиерот Христијан Мицкоски и Ричард Гренел, поранешен американски дипломат и близок соработник на Доналд Трамп. Партијата смета дека наводите за истрага во САД поврзана со Гренел отвораат прашања за интересите што ги застапувала македонската влада при контактите со него.
На прес-конференција, членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски, ги поврза средбите на Мицкоски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски со Гренел со поширока мрежа на политички и деловни интереси во регионот, во која, според него, се испреплетуваат круговите на српскиот претседател Александар Вучиќ и унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Жерновски се повика на наводи за истрага во САД во врска со сомнежи за финансиски злоупотреби со донации наменети за Центарот „Кенеди“, како и за наводно продавање пристап до американскиот претседател Доналд Трамп. Тој оцени дека овие информации бараат дополнителни одговори за односите на Гренел со политичките претставници од регионот.
Како аргумент, Жерновски ги наведе повеќекратните средби на Гренел со Мицкоски и Муцунски, одржани во Вашингтон, Скопје и во рамки на Минхенската безбедносна конференција.
„Истиот Гренел, сакаме да ѝ објасниме на македонската јавност, со години работи за Вучиќ“, рече Жерновски.
Во своето обраќање, тој се осврна и на американската лобистичка компанија „Валкур“, за која тврдеше дека работи на промоција на српските интереси во Вашингтон. Според Жерновски, документи доставени до американското Министерство за правда покажуваат дека претставници на компанијата биле во контакт со Гренел во периодот од септември 2025 до март 2026 година.
Тој ја спомена и поврзаноста на „Валкур“ со компании што имаат деловни интереси во регионот, меѓу кои „Телеком Србија“ и унгарската компанија „4iG“, која ја поврза со медиумските интереси на Орбан и Вучиќ.
Според Жерновски, овие релации отвораат дилема дали контактите на македонските државни претставници со Гренел биле насочени кон остварување на националните интереси или постоеле и други политички и деловни мотиви.
„Тоа што го кажавме не се одвоени приказни. Ова е една иста организирана шема, иста приказна. Ист канал“, изјави тој, презентирајќи ја својата оценка за поврзаноста на политичките и деловните актери.
Од СДСМ бараат Мицкоски јавно да објасни каква била природата на неговите средби со Гренел и кои цели се обидувала да ги постигне Владата преку тие контакти.
„Ти, како премиер на нашата држава, кога се среќаваше со Гренел, водеше сметка за државата и за нашите граѓани или водеше сметка за трговец со оружје?“, праша Жерновски.
Партијата бара обвинителството да ги испита околностите поврзани со контактите и евентуалните договори, со цел да се утврди дали имало неправилности или злоупотреби.







