Професионалните војници кои ќе наполнат 45 години ќе можат да продолжат да работат во Армијата како цивилни лица, со трансформација на работниот однос од определено на неопределено време. Одлуката е донесена на денешната владина седница, соопшти министерот за одбрана Владо Мисајловски на прес-конференција со началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, и претставници на синдикалните здруженија во одбраната.
Мисајловски истакна дека со новото решение професионалните војници ќе добијат можност да останат во Армијата сè до исполнувањето на условите за старосна пензија.
„Со оваа реформа правиме решение секој еден војник да може да остане како цивилно лице во Армијата сè додека не наполни години за старосна пензија. Војниците конечно заслужено ќе можат да бидат задоволни и сигурни и по својата 45. година“, изјави министерот.
Тој посочи дека и понатаму остануваат можностите за исплата на отпремнина и трансфер во други институции, но дека со реформата се отвора дополнителна опција за продолжување на работниот ангажман во Армијата.
Според началникот на Генералштабот, Сашко Лафчиски, станува збор за значајно решение за професионалните војници, со оглед на тоа што прашањето за нивниот статус по навршувањето на 45 години се разгледува повеќе од 15 години.
Лафчиски објасни дека професионалните војници кои ќе ја достигнат оваа возраст ќе бидат распоредени во единици во кои ќе ги извршуваат обврските за обезбедување на гарнизоните, касарните и имотот на Армијата.
Мисајловски најави и дека во разговор со министерката за финансии е постигнат договор за потпишување колективен договор и зголемување на платите во Армијата.








