Железничкиот товарен сообраќај се соочува со сериозни проблеми поради застарен и неисправен возен парк, недоволни инвестиции и слабости во управувањето, покажува ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија за работењето на „ЖРСМ Транспорт“ во 2024 година. Од вкупно 62 локомотиви со кои располага друштвото, само девет се во функција, а акумулираната загуба достигнала 6,75 милијарди денари, односно околу 109 милиони евра.
Ревизорите утврдиле дека состојбата е слична и кај патничкиот возен парк. Од 16 патнички гарнитури, функционални се само пет, додека од 47 патнички вагони, само два се користат во редовниот сообраќај за превоз на патници.
Дополнителен проблем е застареноста на товарните вагони. Од вкупно 1.382 товарни вагони, само 378 имаат важечка ревизија и се способни за сообраќај, додека останатите 1.004 се надвор од употреба поради истечена ревизија.
Според стручните лица во друштвото, возниот парк е постар од 40 години, а причините за лошата состојба се недоволните финансиски средства за средни и големи поправки, нередовните инвестиции во резервни делови и изостанувањето на навремена обнова на капацитетите. Ова ја отежнува организацијата на железничкиот сообраќај, ја зголемува потрошувачката на енергенси и предизвикува повеќе празни возења.
Финансиската состојба на друштвото исто така е алармантна. Загубата во 2024 година изнесува 331,8 милиони денари, што е намалување во однос на 2023 година за 427,5 милиони денари. Но, кога ќе се додадат загубите од претходните години, вкупниот негативен финансиски резултат достигнува 6,75 милијарди денари, односно околу 109,1 милион евра.
Ревизијата открила и неправилности во управувањето со имотот. Иако работилниците за одржување на железничките возила се изградени и со години се користат, нивната вредност од 118 милиони денари не е евидентирана како недвижен имот во деловните книги. Поради тоа, не била пресметана ниту амортизацијата, која за претходните години и за 2024 година изнесува вкупно 14,3 милиони денари.
Проблеми се утврдени и кај залихите. Дури 71 отсто од нив, во вредност од 342,3 милиони денари или околу 5,5 милиони евра, се постари од 2019 година, а друштвото не направило нивно вредносно усогласување на крајот на пресметковниот период.
Особено сериозни забелешки ревизорите имаат за управувањето со нафтените деривати. Приемот и издавањето на горивото се вршеле на несоодветен, недомаќински и небезбеден начин. Опремата за мерење е застарена и импровизирана, а мерилата на пумпите за полнење гориво подолг период не биле верификувани и баждарени. Според ревизорите, ваквата состојба овозможува манипулации и може да ја загрози безбедноста и здравјето на граѓаните, како и животната средина.
Во извештајот се посочува и дека друштвото не ги подмирувало навремено доспеаните обврски, туку поднесувало приговори на решенијата за платни налози, со што се продолжувале судските постапки и се зголемувале трошоците за камати и судски постапки. И покрај правосилно завршените судски предмети и очекуваниот одлив на средства од речиси 261 милион денари, не биле резервирани средства за овие обврски.
Ревизорите утврдиле и прекумерна потрошувачка на вода. Фактурите за 2024 година изнесувале 5,47 милиони денари, а друштвото немало воспоставено соодветен систем за следење и контрола на потрошувачката.
Дополнително, биле констатирани помалку евидентирани приходи од користење на локомотиви, вршење услуги без јасно утврдени и важечки договори, како и отсуство на редовно ажурирана ценовна политика. Слабости биле забележани и во управувањето со човечките ресурси, организацијата на работата и пресметката и исплатата на платите и надоместоците.
Државниот завод за ревизија дал препораки за надминување на утврдените неправилности. Од „ЖРСМ Транспорт“ на 2 ноември годинава доставиле информација до ревизорите за преземените активности по дадените препораки.
Ревизорите предупредуваат дека континуираните загуби негативно влијаат врз тековното и идното работење на друштвото, неговиот развој и го доведуваат во прашање ефикасното, безбедното и навременото одвивање на железничкиот сообраќај.








