Европската Унија треба да покаже политичка волја и да понуди конкретни решенија за деблокирање на пристапниот процес на Македонија, наместо целата одговорност за надминување на спорот со Бугарија да ја префрла врз Скопје. Ова е пораката што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја упати од Брисел, каде што учествуваше на Самитот за проширување организиран од „Еуроњуз“.
Во интервју за телевизија „Сител“, таа оцени дека Македонија покажала подготвеност за европска интеграција и повеќепати направила уставни промени, поради што смета дека сега е потребен поактивен пристап и од европските институции.
„Кога сака, Европската Унија може да биде многу креативна, да манифестира толкава политичка волја, и ако нè охрабрува во реформите, тогаш исто така треба да нè охрабри и во наоѓањето решение со нашиот сосед“, изјави Сиљановска-Давкова.
Таа посочи дека земјава се наоѓа во парадоксална ситуација, бидејќи од Бугарија добива пораки дека спорот е европско прашање, додека од Европската Унија постојано се упатува на потребата од директни преговори со соседната држава.
Претседателката нагласи дека Македонија е подготвена за дијалог, но дека по досегашните отстапки е проблематично повторно да се бара политичка волја исклучиво од македонска страна.
„Ние секогаш сме биле подготвени да преговараме. Може да најдете решение за рационални прашања и да мерите што губите, а што добивате. Но, после толку уставни промени, уште еднаш сега да се вели дека тоа е клучното решение и да се бара нашата политичка волја, мислам дека е проблематично“, рече таа.
Како една од можностите за надминување на блокадата го посочи предлогот за одложено дејство на уставните измени, но и вклучувањето на европските институции во дефинирањето на условите под кои би продолжил пристапниот процес.
Според неа, Европскиот совет, Советот на Европа и Европската комисија би можеле да подготват објаснувачки одредби со кои би се разјасниле принципите, обврските и гаранциите што се очекуваат од двете страни.
„Сакаме да знаеме под кои услови ќе продолжат нештата понатаму. Со правните служби на Европската Унија да се дефинира што значи што, за да знаеме ние која ни е приказната, во што влегуваме и со какви очекувања“, порача претседателката.
Сиљановска-Давкова смета дека Македонија треба да добие еднаков третман со другите земји кандидатки и дека спроведените реформи треба да се вреднуваат независно од билатералните блокади.
Во однос на реформите во земјава, таа рече дека извештајот на Европската комисија ќе биде важен за утврдување на постигнатото и слабостите што треба да се надминат. Според неа, приоритет треба да бидат владеењето на правото, независното судство, борбата против корупцијата, економијата и подобрувањето на животниот стандард.
Претседателката се осврна и на односите меѓу Бугарија и Македонија, посочувајќи дека ќе продолжи да бара можности за дијалог. Најави дека ќе иницира средба со новоизбраната бугарска претседателка Илијана Јотова, со цел да се разговара за отворените прашања.
Таа го посочи и примерот со Црна Гора и Хрватска, оценувајќи дека најавата на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ дека отворените прашања би можеле да се решат до 2028 година покажува дека билатералните спорови можат да се надминуваат преку дијалог и подготвеност за компромис.








