Поранешниот член на Управниот одбор на Државна лотарија, Христо Најданов, денеска пред судот изјави дека телото во кое членувал до февруари 2024 година не донело посебна одлука за набавка на видео-лотариските терминали (ВЛТ). Според неговото сведочење, набавката не била издвоена како посебна точка на дневниот ред, иако претходно се разговарало за проширување на дејноста на компанијата со електронски игри на среќа.
Најданов сведочеше во судскиот процес за случајот „Државна лотарија“, во кој меѓу обвинетите се поранешниот генерален директор Перпарим Бајрами и поранешниот вицепремиер Артан Груби.
Тој посочи дека одредени материјали за седниците на Управниот одбор биле доставувани во краток рок, поради што членовите понекогаш немале доволно време темелно да ги анализираат пред да се произнесат.
„Се случуваше материјалите да бидат испратени наутро, а од нас да се очекува да се произнесеме до попладне“, рече Најданов, објаснувајќи дека во такви ситуации немал секогаш можност детално да ги проучи документите или да побара дополнителни појаснувања од стручните служби.
Тој сведочеше дека најчесто одговорите на членовите на Управниот одбор биле позитивни, а потврди и дека со прифаќањето на доставените материјали преземале одреден ризик од евентуална одговорност.
Најданов бил член на Управниот одбор од 2017 година до 2 февруари 2024 година. На функцијата бил именуван од Владата, а на прашање од обвинителството појасни дека бил предложен од партијата ДОМ, тогашен коалициски партнер во власта.
Во текот на неговиот мандат, со Државна лотарија раководеле Катица Николовска Парнакова, а подоцна и обвинетиот Перпарим Бајрами.
За набавката дознал од медиумите
Сведокот рече дека не му е познато зошто поранешната директорка Николовска Парнакова била резервирана во однос на проектот за електронски игри на среќа. Тој нагласи дека за набавката на терминалите дознал од медиумите, како и за информациите дека тие не биле ставени во функција.
„Не знам што точно се случувало со нив, кога биле набавени или каков е нивниот статус“, посочи Најданов.
Одбраната на Бајрами, пак, го прашуваше за довербата во стручните служби на компанијата, особено во правниот и финансискиот сектор. Најданов одговори дека имал доверба во нивната работа и дека одлуките на Управниот одбор се однесувале, меѓу другото, на финансиските извештаи, плановите и програмите на претпријатието.
Во врска со годишниот финансиски план, тој рече дека смета оти биле предвидени активности за набавка на нови ВЛТ-апарати.
На обвинетите во предметот „Државна лотарија“ им се става на товар злоупотреба на службената положба и овластување, за дела за кои обвинителството тврди дека биле сторени во текот на 2023 и 2024 година. За ова кривично дело е предвидена затворска казна од една до пет години.
Покрај Бајрами и Груби, во предметот се обвинети уште седум лица.
Груби минатата недела излезе од домашен притвор, откако истече максималниот законски рок за траење на мерката. Неговата одбрана побара укинување и на дополнителните мерки на претпазливост, нудејќи недвижен имот во вредност од 335.707 евра како гаранција дека ќе биде достапен за органите на прогонот.
Обвинението беше поднесено на 13 август 2026 година, а Груби на судењето се изјасни за невин. Тој се врати во земјата во февруари годинава, по повеќе од 14 месеци недостапност за органите на прогонот, и беше приведен на граничниот премин Блаце.








