Обвинителството испитува дали некој влијаел врз првиот сведок во случајот „Државна лотарија“, кој го сменил претходно дадениот исказ и на судењето сведочел во корист на одбраната, соопшти јавниот обвинител Даниел Коцев, кој заедно со обвинителот Алексндар Давчевски го водат предметот против поранешниот вицепремиер Артан Груби и уште седум лица.
Се работи за првиот сведок предложен од Обвинителството, кој на судењето го сменил претходно дадениот исказ и сведочел во корист на одбраната.
„Немаме сознанија дека врз него на каков било начин било влијаено. Тој дел го истражуваме и во моментов преземаме одредени дејствија во таа насока“, изјави Коцев, додавајќи дека против сведокот сè уште се води предистражна постапка, бидејќи е опфатен со кривична пријава од МВР за повеќе постапки, меѓу кои и набавката на ВЛТ-апаратите.
Обвинителите велат дека променетиот исказ не значи дека ја губат контролата врз предметот, бидејќи обвинението се потпира и на материјални докази. Коцев се осврна и на сведочењето на вториот сведок, оценувајќи дека тој изнел важни информации што помагаат во поврзувањето на материјалните докази, иако дел од неговите искази, според обвинителот, оделе во прилог на теоријата на одбраната.
Денешното рочиште беше одложено, бидејќи во судница не се појави третиот сведок предложен од Обвинителството.
Во меѓувреме, Груби за „Сакам да кажам“ изјавил дека за сведоци ги предложил сите министри кои присуствувале на владината седница од 6 јуни 2023 година, со која тој претседавал, а на која била донесена одлуката за набавка на спорните видеолотариски терминали.
На седницата не присуствувале тогашниот премиер Димитар Ковачевски и министрите Славјанка Петровска, Оливер Спасовски и Љупчо Николовски, кои биле заменувани од нивните заменици. Меѓу предложените сведоци се поранешните вицепремиери Бојан Маричиќ, Фатмир Битиќи и Славица Грковска, како и тогашните министри Бујар Османи, Фатмир Бесими, Кренар Лога, Фатмир Беким Сали, Азир Алиу, Каја Шукова, Јована Тренчевска, Благој Бочварски, Бисера Костадиновска-Стојчевска, Јетон Шаќири, Крешник Бектеши и Ристо Пенов.
Груби, кој на 13 октомври излезе од куќен притвор по истекот на законскиот рок од 60 дена, е второобвинет во предметот „Државна лотарија“, во кој се товари за злоупотреба на службената положба и овластување. Тој на судењето се изјасни дека не е виновен, а постапката против него продолжува.
Со факели, огномет и чадни бомби, Артан Груби пречекан во Чаир по излегувањето од куќен притвор








