Македонија и оваа година останува без посериозен напредок во процесот на евроинтеграции. За разлика од Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина, кои ќе добијат патокази за членство во Европската Унија, земјава не е меѓу државите опфатени со оваа иницијатива. Во најновиот извештај за напредокот, Европската комисија повторно ги посочува уставните измени како главна пречка, но нотира и низа сериозни слабости во функционирањето на институциите.
Особено остри се забелешките за тоа што во изминатиот период не биле преземени никакви чекори за промена на Уставот, согласно обврската преземена со заклучоците на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година. Со измените треба да бидат вклучени и Бугарите во Уставот, како дел од народите што живеат во земјата.
„Не беа преземени обиди за усвојување на соодветните уставни измени“, наведува Европската комисија, потсетувајќи дека Македонија се обврзала да ги иницира и спроведе промените.
Покрај тоа, Брисел смета дека се потребни дополнителни напори за подобрување на односите со Бугарија и создавање атмосфера на дијалог и меѓусебна почит. Забелешки има и за работата на заедничката историска комисија, од која не произлегле конкретни резултати. Европската комисија препорачува продолжување на дијалогот и соработката, особено во однос на инфраструктурните проекти поврзани со Коридорот 8.
Во извештајот повторно се потсетува дека постојните договори со соседните земји мора да се почитуваат и спроведуваат со добра волја од сите страни. Тоа ги вклучува и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
Посебно се издвојува однесувањето на дел од владините претставници, кои не секогаш го користат уставното име на државата, со што, според Комисијата, не се почитува Преспанскиот договор и се создава ризик од нарушување на добрососедските односи.
Политички притисоци врз судството и загриженост за корупцијата
Европската комисија повторно алармира за состојбите во правосудството, особено за политичкото влијание врз судиите и обвинителите. Во извештајот се наведува дека изјавите на високи политички функционери за наводно „чистење“ на судството и обвинителството, како и јавните напади врз носители на правосудни функции, претставуваат недозволен притисок и заплашување.
Како особено значаен пример се посочува заедничката реакција на Врховниот суд, Судскиот совет и Здружението на судии од ноември 2025 година, кога трите институции предупредија дека постојаните јавни критики од највисоките нивоа на власта ја загрозуваат независноста на судството и принципот на поделба на власта.
Од Македонија се бара да ја забрза реализацијата на Стратегијата за судски реформи, да ги спроведе новите закони за Судскиот совет и Советот на јавните обвинители и да го ревидира Законот за јавното обвинителство. Дополнително, потребно е да се пополнат испразнетите судски и обвинителски места и да се обезбедат доволно човечки и финансиски ресурси за правосудните институции.
Сериозни забелешки има и за борбата против корупцијата, која, според оценката на ЕК, останува широко распространета и претставува причина за сериозна загриженост.
Комисијата оценува дека измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година не ги отстраниле штетните последици од измените направени во 2023 година, особено во делот на злоупотребата на службената положба. Иако повторно е воведено кривично дело за злоупотреби во јавните набавки, неговиот опфат е премногу ограничен за да ги опфати различните форми на манипулации во постапките.
Проблем останува и застарувањето на кривичниот прогон, поради што дел од случаите на корупција на високо ниво не добиваат судска разрешница.
„Случаите на корупција на високо ниво продолжуваат да се соочуваат со одложувања и честопати достигнуваат рок на застарување, придонесувајќи за перцепцијата за неказнивост“, се наведува во извештајот.
За следниот период, ЕК бара усвојување нов Кривичен законик и нов Закон за кривична постапка, усогласени со европското законодавство и меѓународните стандарди. Се бара и поефикасно истражување и гонење на високата корупција, конечни судски пресуди и конфискација на имот стекнат со криминал.
Посебно се нагласува потребата од зајакнување на Јавното обвинителство и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, вклучително и преку ангажирање финансиски експерти. Од Државната комисија за спречување на корупцијата се очекува поефикасна проверка на анкетните листови за имотната состојба на функционерите.
Загрижувачки состојби во човековите права и затворите
Извештајот нотира и проблеми во заштитата на човековите права. Европската комисија посочува дека граѓанските организации и активистите за човекови права се соочуваат со заплашување, онлајн вознемирување и кампањи за дискредитирање.
Родово базираното насилство и понатаму е сериозен проблем, при што се издвојуваат семејното, психолошкото и економското насилство, сајбер-насилството и фемицидот.
Дополнително, не се преземени потребните чекори за усогласување со европските стандарди во областа на недискриминацијата и еднаквоста, вклучително и родовата еднаквост.
Особено негативна е оценката за состојбата во затворите. И покрај реновирањето на одредени објекти, Европската комисија оценува дека општите услови во затворскиот систем и натаму се крајно лоши.
Забелешки има и за работата на Собранието, кое, и покрај постоењето јасен Деловник, повторно не успеало да ја усвои годишната агенда.
Во однос на јавната администрација, Комисијата го регистрира донесувањето на Законот за висока раководна служба, но предупредува дека тој содржи сериозни недостатоци. Спорни се составот на комисиите за селекција, методологијата за избор и вработување на раководните кадри, како и критериумите за нивно разрешување.
Транспарентноста на медиумите и распределбата на јавните пари остануваат отворени прашања
Во делот на медиумите, од земјава се бара поголема транспарентност во сопственичката структура на медиумите и распределбата на јавните средства за државно рекламирање. Комисијата нагласува и дека институциите треба навремено да реагираат на заканите и насилството врз новинарите, а одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата.
Проблеми се нотираат и во спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Дел од институциите ги одбиваат барањата или го одложуваат доставувањето информации врз основа на произволни образложенија.
Од друга страна, Европската комисија позитивно ја оценува усогласеноста на Македонија со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Сепак, се посочува дека остануваат предизвици во практичното спроведување на рестриктивните мерки на Унијата, особено поради временскиот јаз меѓу политичкото усогласување и нивното формално стапување во сила.
Меѓуетничките односи во земјата се оценети како генерално стабилни, а Охридскиот рамковен договор продолжува да се спроведува. Сепак, Комисијата наведува дека и натаму постојат предизвици во оваа област.
На крајот, во извештајот се посочува и потребата Македонија да постигне конкретни резултати во спречувањето на производството и трговијата со недозволени дроги.
Иако во одредени области има напредок, вкупната оценка на Европската комисија укажува дека земјата и натаму се соочува со сериозни институционални и системски слабости. Без конкретни резултати во реформите, владеењето на правото и исполнувањето на преземените обврски, европската перспектива останува блокирана.








