Либерално-демократската партија (ЛДП) ја критикуваше Владата по промоцијата на апликацијата „м.Услуги“, обвинувајќи ја дека наместо вистинска дигитална трансформација, на граѓаните им нуди уште еден ПР-проект, без јасно дефинирана практична примена.
Од партијата реагираат дека новата апликација, преку која се достапни дигитална лична карта и возачка дозвола, предизвика забуна уште на самиот почеток, откако беше објавено дека овие документи засега нема да можат да се користат при полициска контрола. Граѓаните и понатаму ќе мора да ги носат физичките документи, бидејќи институциите немаат целосно приспособени системи за нивна проверка.
Од ЛДП оценуваат дека ваквиот пристап ја доведува во прашање целта на најавената дигитализација и бараат одговорност за, како што велат, несериозното претставување на новите услуги пред јавноста.
Партијата реагира и на паралелната иницијатива на владејачкото мнозинство за трансформација на работниот однос на дел од лицата ангажирани со договори на дело во јавната администрација. Според нив, додека Владата промовира намалување на бирократијата и дигитални услуги, истовремено отвора пат за дополнително зголемување на бројот на вработени во државните институции.
Од ЛДП прашуваат колку ќе ги чини граѓаните ваквата политика и дали дигитализацијата навистина ќе придонесе за поефикасна администрација или ќе остане само дел од владиниот маркетинг.
Претходно, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски објасни дека за дигиталните лични карти и возачките дозволи да бидат прифатени при полициска контрола, потребни се законски измени, промени во подзаконските акти и техничко приспособување на системите на институциите.
Апликацијата „м.Услуги“ е достапна за мобилните телефони и овозможува пристап до дигитални лични документи и одредени електронски услуги. Нејзиното користење е бесплатно и доброволно, а Владата најавува постепено проширување на функционалностите.







