Косовското Собрание ја избра Јустина Широка-Пула за нова претседателка на Косово, со што земјата го избегна распишувањето нови парламентарни избори.
Широка-Пула доби 81 глас од вкупно 120 пратеници, еден повеќе од потребното двотретинско мнозинство. Нејзина противкандидатка беше пратеничката на Демократската партија на Косово, Елиза Хоџа, која доби еден глас.
Изборот се одржа во последните часови пред истекот на уставниот рок. Доколку Собранието не избере претседател, Косово ќе требаше да оди на нови парламентарни избори, што ќе беше втор таков случај во текот на оваа година.
Договорот за избор на Широка-Пула следуваше по повеќечасовни политички преговори меѓу владејачкото Движење Самоопределување и опозициската Демократска партија на Косово. Претходно, Собранието во второ читање ги усвои и измените на законот што се однесува на Специјализираните совети во Хаг, што беше еден од условите за поддршка на нејзиниот избор.
Широка-Пула е економистка, универзитетска професорка и академик. Таа е претседателка на Академијата на науките и уметностите на Косово, а во периодот од 2008 до 2011 година беше министерка за енергетика и рударство. Од 2011 до 2014 година беше и пратеничка во косовскиот парламент.
По изборот и полагањето заклетва, Широка-Пула порача дека ќе биде претседателка на сите граѓани, без разлика на нивната политичка, етничка или општествена припадност.
„Овој мандат не му припаѓа само на еден човек. Тој им припаѓа на нашите граѓани, на нашите институции и на државата за која жртвуваа многу генерации“, порача таа.
Таа најави дека ќе работи на единство, правда, развој и зајакнување на институциите, како и на зачувување на уставот и интересите на Косово.
Со изборот на новата претседателка, Косово засега го избегна новиот политички застој и можноста за уште едни парламентарни избори во краток временски период.








