Северна Македонија треба да ја покаже истата решителност за уставните измени каква што покажала во спроведувањето на реформите од Реформската агенда, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос при претставувањето на извештаите за напредокот на земјите кандидати во Европскиот парламент.
Кос нагласи дека условите за продолжување на пристапниот процес се јасни и дека земјава треба да ја исполни обврската преземена во јули 2022 година, која се однесува на внесувањето на Бугарите во Уставот.
„Северна Македонија покажа посветеност на исполнувањето на реформите од Реформската агенда. Очекуваме да покаже иста решеност да го исполни условот за европскиот пат“, изјави Кос, додавајќи дека Европската комисија ќе продолжи да ја поддржува земјата.
Таа информираше и дека е забележан напредок во техничката работа поврзана со одредниците за отворање на Кластерот 1.
Во обраќањето, еврокомесарката посочи дека овогодинешниот пакет за проширување носи три новини. Меѓу нив е подготовката на индикативни патокази за четири земји кандидати кои оствариле најголем напредок во пристапниот процес во изминатата година.
Документите се засноваат на принципот на заслуги и треба да им помогнат на земјите во планирањето на следните чекори, но не претставуваат гаранција за членство ниту ги заменуваат критериумите што треба да ги исполнат.
Како предводник во процесот Кос ја посочи Црна Гора, за која патоказот ги опфаќа чекорите што водат кон потпишување на договорот за пристапување во Европската Унија. За Албанија, Украина и Молдавија, кои исто така се меѓу земјите со најголем напредок, документите ќе служат како насоки за наредната година.
Според Кос, примерот на овие четири држави покажува дека напредокот во пристапувањето кон ЕУ зависи пред сè од политичката волја и одлуките на самите земји кандидати.
„Секоја земја кандидат може да се приклучи на групата земји што напредуваат и ги охрабруваме сите да го направат тој избор“, порача еврокомесарката.








