Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) најостро ги осуди сите облици на насилство, особено семејното насилство, насилството врз жените, врсничкото насилство и насилството на социјалните мрежи, оценувајќи дека тие се неспојливи со христијанските вредности и почитувањето на човековото достоинство.
На редовната седница во работен состав, Светиот архијерејски синод посебно внимание посветил на сè поизразеното насилство и ширењето на нетрпеливоста, гневот и омразата во општеството.
Од МПЦ-ОА велат дека особено го осудуваат убиството и фемицидот, оценувајќи ги како најсуров облик на насилство врз жените и недозволиво посегнување по светоста на човечкиот живот.
Синодот ја потврдил и подготвеноста на Црквата за соработка со државните институции, верските заедници и другите организации во спречувањето и надминувањето на овие појави.
Во соопштението се посочува и потребата од континуирана едукација и обука на свештенството за навремено препознавање на различните облици на насилство, особено семејното насилство и насилството врз жените.
Целта е свештените лица да бидат подобро подготвени да препознаат случаи на насилство, да дадат соодветна поддршка на погодените лица и навремено да ги упатат до надлежните институции и стручни служби.









