Насилните протести во албанската престолнина Тирана продолжија, при што демонстрантите нападнаа полициски објекти и седиштето на владејачката Социјалистичка партија, а главниот влез на Министерството за внатрешни работи беше зафатен од пожар. Во судирите со полицијата повредени се 16 полициски службеници, како и еден малолетник и еден новинар.
Дел од демонстрантите фрлаа камења, молотови коктели и пиротехнички средства кон полициските сили. Запалена била и Полициската станица број 3, додека во близина на седиштето на Социјалистичката партија биле искршени стаклата на главниот влез. Полицијата интервенирала со солзавец и водени топови во обид да ја растера толпата и да ја воспостави контролата.
Протестите започнаа како движење предводено од студенти, незадоволни од состојбите во образованието, трошоците за студирање и ограничените можности за вработување. Со текот на деновите, демонстрациите прераснаа во пошироко антивладино движење, со барања за оставка на премиерот Еди Рама, поттикнати и од обвинувањата за корупција во владините структури.
Албанскиот премиер Еди Рама ги отфрли повиците за негово повлекување од функцијата, оценувајќи дека актуелните немири не претставуваат закана за опстанокот на владата, туку за европската перспектива на земјата.
Во обраќање на социјалните мрежи, Рама порача дека предизвикот е насочен кон патот и мисијата на Албанија за приклучување кон Европската Унија, повикувајќи ги граѓаните да размислат за последиците од ескалацијата на насилството.
Албанија има цел да стане членка на ЕУ до 2030 година, а заедно со Црна Гора е меѓу земјите од Западен Балкан што се најнапред во процесот на европска интеграција.
Рама, кој е на власт од 2013 година и минатата година освои четврти последователен мандат, ги обвини неодредени странски интереси дека стојат зад протестите и зад наводниот обид за напад со дрон врз неговата канцеларија во текот на неделата.
Политичките тензии во Албанија се засилија по повеќемесечните демонстрации против планиран изградбен проект за луксузен туристички комплекс на крајбрежјето, поврзан со Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп. Проектот предизвика реакции кај дел од јавноста поради стравувањата од влијанието врз животната средина и сомнежите за привилегирање на влијателни интереси.
Во меѓувреме, корупциските скандали, невработеноста и незадоволството од образовниот систем дополнително го зголемија притисокот врз владата. Рама тврди дека неговата администрација вложува напори за справување со корупцијата и останува посветена на европската интеграција.
Според полициските податоци, 388 лица се обвинети за кривични дела поврзани со протестите. Голем број демонстранти и полициски службеници се повредени во досегашните судири, додека насилството продолжува да ја зголемува неизвесноста околу политичката состојба во земјата.








