Францускиот претседател Емануел Макрон не ја прифати оставката на министерот за внатрешни работи Лоран Нунез, поднесена по насилните протести и масовните нереди што го зафатија Париз и други француски градови во текот на викендот.
Од Елисејската палата соопштија дека одлуката е донесена поради потребата од непрекинато раководење со полициските и безбедносните сили во период на сериозна нестабилност. Макрон побара од министерот да преземе мерки за подобро справување со насилните групи и лицата кои учествуваат во уништување и ограбување на објекти.
Протестите, поттикнати од незадоволството поради растот на трошоците за живот и проблемите во јавните услуги, во саботата ескалираа во судири со полицијата, пожари и ограбувања. Во повеќе градови беа оштетени продавници и јавни објекти, а во Лимож беше запалена градската општина.
Според податоците на француските власти, во нередите биле приведени околу 2.400 лица, додека речиси 1.000 припадници на полицијата и жандармеријата биле повредени. Насилствата продолжија и во неделата, особено во Париз и Марсеј, каде безбедносните сили интервенираа за да спречат нови ограбувања.
Макрон претходно ги осуди нападите и уништувањето, но нагласи дека не смее да се изедначуваат мирните демонстранти со оние кои учествуваат во насилство. Тој најави и разговори со политичките партии, синдикатите и студентските организации за изнаоѓање одговори на социјалното незадоволство.
Француските власти во меѓувреме се соочуваат со притисок да утврдат како дошло до ескалацијата и дали безбедносните служби навреме ги предвиделе размерите на протестите.








