Турција планира да ја продлабочи нуклеарната соработка со Русија и да изгради нови нуклеарни централи, најави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
По средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Киргистан, Ердоган истакна дека изградбата на нуклеарната централа „Акују“ влегува во завршна фаза. Централата, која ја гради руската државна компанија „Росатом“, ќе има четири реактори и се очекува да обезбедува околу 10 отсто од електричната енергија во Турција.
Ердоган додаде дека двете земји планираат заеднички чекори за изградба на дополнителни нуклеарни централи. Според него, руско-турските односи денес се на највисоко ниво досега.
Путин, пак, ја опиша Турција како еден од „привилегираните партнери“ на Русија.
Продлабочувањето на нуклеарната и енергетската соработка меѓу Анкара и Москва може да предизвика загриженост кај западните сојузници, особено поради блиските односи на Турција со Русија во периодот на војната во Украина.








