Пратеници од албанската опозициска Демократска партија утрово ја прекинаа работата на парламентот, активирајќи сигнални ракети и блокирајќи го пристапот до говорницата. Инцидентот се случи за време на гласањето за закон за Централната банка, во услови на засилени антивладини протести во земјата, на кои демонстрантите бараат оставка од премиерот Еди Рама.
Како што објави „Ројтерс“, опозициските пратеници ја попречуваа седницата, а дел од нив застанаа околу лидерот на Демократската партија, Сали Бериша, додека тој се обраќаше од говорницата. Тие држеа фотографии од демонстранти повредени со гумени куршуми, а некои активираа сини сигнални ракети, во бојата на партијата.
🇦🇱 Chaos in the Albanian Parliament.
Opposition MPs set off flares in an attempt to block a vote.
They also clashed with government lawmakers and threw water bottles at PM Edi Rama. https://t.co/Z2DFHjXbPV
— kos_data (@kos_data) October 29, 2026
„Овие од власта се криминалци и тие заслужуваат солзавец, гумени куршуми, пукнати черепи и скршени коски, а не младите“, изјави Бериша, пред да му биде исклучен микрофонот.
Политичката тензија во Албанија ескалира по неколкунеделните протести предводени од студенти, кои започнаа во средината на октомври во Тирана, а потоа се проширија и во други градови. Демонстрантите бараат оставка од Рама, изразувајќи незадоволство поради сомнежите за корупција во владата, недостигот од работни места и лошиот квалитет на образованието.
Дел од протестите прераснаа во насилни инциденти, при што демонстрантите запалија владини објекти и банки, кршеа излози и фрлаа камења кон полицијата.
Немирите следуваат по неколкумесечни, главно мирни протести против луксузниот крајбрежен проект поддржан од Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп. Ситуацијата претставува најголем политички предизвик за Рама, кој е на власт од 2013 година и минатата година го освои четвртиот премиерски мандат.
Во обид да го спречи насилството, Рама во неделата најави нови мерки, меѓу кои и казни од околу 5.500 евра за учество на протест што ќе прерасне во насилство, дури и кога лицето лично не извршило насилни дејствија.
Протестите во текот на оваа недела главно беа мирни, но за сабота е најавен нов собир. Рама повторно ги повика студентите на дијалог и најави економски мерки, вклучително и поевтино гориво и поголема финансиска помош за семејствата со ниски приходи.







