Генералното собрание на Обединетите нации усвои резолуција со која повторно се повикуваат САД да го укинат повеќедецениското економско, трговско и финансиско ембарго кон Куба. За резолуцијата гласаа 130 држави, 17 беа против, а 25 се воздржаа. Меѓу земјите што гласаа против е и Македонија, заедно со САД, Израел и други држави.
Ова е 34-ти пат Генералното собрание на ОН да усвои резолуција со која се осудува американското ембарго. Сепак, поддршката годинава е значително намалена во споредба со претходното гласање, кога 165 земји гласаа „за“, седум беа против, а 12 беа воздржани.
Гласањето се одржа по интензивна дипломатска кампања на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, која се обиде да ги убеди другите држави да се спротивстават на резолуцијата или да се воздржат. Меѓу земјите што годинава беа воздржани се Германија и Италија, кои претходно ја поддржуваа резолуцијата.
Резолуцијата не е правно обврзувачка и не може директно да ја промени американската политика кон Куба. За укинување на ембаргото е потребна одлука на американскиот Конгрес, но гласањето во ОН претставува важен показател за меѓународните ставови кон санкциите.
Седницата беше проследена и со остра расправија меѓу американскиот амбасадор во ОН, Мајк Волц, и кубанскиот министер за надворешни работи, Бруно Родригес. За време на дебатата, кубанскиот дипломат го обвини американскиот претставник дека изнесува невистини, по што интервенираше претседавачот, а во смирувањето на ситуацијата се вклучи и обезбедувањето.
Родригес го осуди ембаргото, оценувајќи дека тоа ја продлабочува економската криза во неговата земја и го отежнува пристапот до основните производи и услуги. Волц, од друга страна, ги повика земјите да не ја користат резолуцијата како поддршка за кубанските власти, кои Вашингтон ги обвинува за корупција и ограничување на човековите права.
Гласањето се одржа во услови на сериозна економска и енергетска криза во Куба, која се соочува со недостиг од гориво, продолжени прекини на електричната енергија и проблеми во снабдувањето со храна, вода и лекови.
Американското ембарго трае повеќе од шест децении.







