Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, ја критикува дебатата за воведување плаќање по работен час, оценувајќи дека со неа се дефокусира јавноста од главниот проблем – ниските плати на работниците во земјава.
Во објава на Фејсбук, Трендафилов наведува дека на работниците не им се потребни нови пресметки и економски модели, туку повисоки примања со кои ќе можат достоинствено да живеат.
Тој предупредува дека ваквите предлози можат да отворат простор за заобиколување на работничките права, особено во однос на неплаќањето прекувремена работа, работата за време на празници и неправилното пресметување на додатоците на плата.
Според Трендафилов, проблемот не е во начинот на пресметување, туку во тоа што дел од работодавачите не ги евидентираат и не ги исплаќаат сите одработени часови. Тој посочува дека прекувремената работа и сега се плаќа по работен час, со зголемување на платата од 135 проценти.
„Прво не ги плаќаат сите одработени часови, а потоа предлагаат нови модели за пресметување на платите“, пишува Трендафилов.
Тој додава дека непријавената и неплатената работа не ги оштетува само работниците, туку и државниот буџет, поради избегнувањето на законските обврски. Наместо нови модели, според него, институциите треба да обезбедат секој одработен час да биде евидентиран и платен, а прекршувањата да бидат санкционирани.
Како дополнителен аргумент за потребата од зголемување на платите, претседателот на ССМ ги наведува разликите со Србија и Црна Гора. Во објавата посочува дека минималната плата во Македонија е околу 423 евра, додека во Србија од 1 јануари е најавена минимална плата од 600 евра. За Црна Гора наведува минимални плати од 1.000 до 1.450 евра, зависно од степенот на образование.
Трендафилов тврди и дека половина од работниците во Македонија примаат плата под 600 евра, една третина под 500 евра, а две третини заработуваат помалку од просечната плата.
„Не ни требаат нови формули за пресметување на сиромаштијата, туку итно и значително зголемување на платите“, порачува претседателот на ССМ.







