Владата ги следи цените на енергенсите, а ЕСМ преговара за подолгорочно снабдување со природен гас по поконкурентни цени. Министерката за енергетика вели дека барањата на компаниите не значат дека во истиот износ ќе има зголемување на цените на горивата.
Конечната одлука дали ќе има ново поскапување на бензините и дизелот ќе биде позната в понеделник, кога Регулаторната комисија за енергетика треба да ги објави новите малопродажни цени. Министерската за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска вели дека засега треба да се почека одлуката на РКЕ, бидејќи пресметките и барањата на компаниите не се гаранција дека горивата ќе поскапат во тој износ.
„Да ја почекаме одлуката на Регулаторна, да видиме каква ќе биде конечната одлука и колку ќе има поскапување, доколку воопшто го има“, изјави Божиновска на отворањето на Саемот за енергетика, технологија и иновации „Енерго технома 2026“.
Таа посочи дека Владата ги следи движењата на цените на енергенсите и досега интервенирала преку намалување на акцизата и ДДВ, додека ОКТА во одредени периоди одобрувала попусти од два до три денари за литар гориво. Актуелниот попуст, според Божиновска, важи до следната недела, по што ќе се направи нова анализа и ќе се одлучува за понатамошните мерки.
Во однос на снабдувањето со електрична енергија, министерката уверува дека производството во земјава е стабилно, а ЕСМ работи на обезбедување долгорочни договори за природен гас по пониски цени.
„ЕСМ се грижи за сигурно снабдување на граѓаните. Ги следиме цените на гасот на дневна основа, а веќе се водат преговори за подолгорочно и поконкурентно снабдување“, рече Божиновска.
Таа информираше дека количините на гас за ноември се обезбедени, додека преговорите за наредниот период продолжуваат. Како дополнителна можност се разгледуваат и субвенции, но за тоа, како што посочи, најпрво треба да се направи проценка на финансиските ефекти.
Божиновска се осврна и на цената по која ЕСМ ја продава електричната енергија. Според неа, таа во моментов изнесува 65 евра за мегават-час, додека на почетокот на мандатот на актуелната Влада била повисока од 135 евра. Таа оцени дека со оваа цена се прават отстапки со цел да се заштити стандардот на домаќинствата.
Министерката најави и дека во наредниот период се очекува ЕВН да го објави тендерот поврзан со снабдувањето со природен гас.






