Претседателот на Собранието, Африм Гаши, ги повика граѓаните во Брвеница на претстојниот втор круг од локалните избори да се водат од квалитетот на кандидатите и нивните програми, а не од етничката припадност.
Гаши оцени дека етничкиот елемент сè уште има големо влијание врз изборниот процес и одлуките на политичките партии, наместо во преден план да бидат локалните проблеми и решенијата за нивно надминување.
Тој посочи дека на локалните избори граѓаните треба да се фокусираат на прашања што директно го засегаат нивното секојдневие, како водоснабдувањето, канализацијата и асфалтирањето на улиците.
„Посакувам да ги надминеме овие провинцијализми и етнички поделби, особено кога станува збор за локалните избори. Сепак, за жал, сè уште сме во фаза во која кај политичките партии и на изборите приоритет има, или често доминира, етничкиот елемент, односно прашањето за кого треба да се гласа. Сметам дека особено на локалните избори, кога граѓаните имаат потреба да решаваат суштински проблеми како водоснабдувањето, канализацијата и асфалтирањето на улиците, треба да се фокусираат на најдоброто решение, најдобрата програма и најдобриот кандидат. Тоа е она што, во принцип, е важно. Мислам дека политичката култура треба да се подигне, но за жал, сè уште констатирам дека не сме на тоа ниво. Затоа, посакувам и на овие избори, како и на сите други, да победи најдобриот и оној што им служи на сите граѓани, без разлика на нивната партиска, етничка, верска или друга припадност“, изјави Гаши.
Тој додаде дека политичката култура треба да се подигне и изрази надеж дека на изборите ќе победи кандидатот кој ќе им служи на сите граѓани, без оглед на нивната партиска, етничка или верска припадност.
Во вториот круг од локалните избори во Брвеница ќе се соочат Стојанче Радичевски од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, и Аркин Јахии од коалицијата НАИ.







