Европскиот пат на Северна Македонија треба да биде предвидлив и да се оценува според исполнувањето на критериумите, а не да зависи од политички околности, порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски по средбата со шефот на словачката дипломатија Јурај Бланар, кој престојува во официјална посета на земјава.
На заедничката прес-конференција, Муцунски посочи дека Владата останува отворена за разговори со Бугарија и дека продолжува да бара поддршка од земјите членки на Европската Унија за забрзување на пристапниот процес.
Тој нагласи дека земјава очекува европската интеграција да се одвива според јасни правила и стандарди, со напредок што ќе се вреднува врз основа на заслугите и исполнетите обврски.
Муцунски истакна дека со Бланар разговарале и за економската соработка, трговијата, инвестициите, образованието и културата, при што ја оцени Словачка како важен партнер и поддржувач на европската перспектива на Западен Балкан.
Осврнувајќи се на случајот „Ива Михајлова“, Муцунски порача дека и земјите членки на ЕУ мора да ги почитуваат стандардите за владеење на правото. Тој оцени дека не е прифатливо земја членка да им обезбедува засолниште на лица осудени за кривични дела или на оние против кои се водат судски постапки и постои сомнеж за сторени дела.
Сепак, рече дека Македонија нема намера да се вмешува во политичките случувања во Бугарија, особено во периодот на претседателските избори во соседната земја.
Во однос на понатамошните контакти со Софија, Муцунски информираше дека засега нема договорена билатерална средба со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова, но очекува можност за разговор во декември, кога ќе се одржат повеќе меѓународни средби на кои ќе присуствуваат двајцата министри.
Тој потсети дека за напредокот на европската интеграција е потребна согласност од сите земји членки на Унијата, поради што Македонија продолжува да комуницира и со Бугарија и со останатите европски партнери.







