Лидерот на Левица и пратеник Димитар Апасиев реагираше на случајот со 39-годишниот кумановец кој беше осомничен дека преку социјалните мрежи му се заканувал на премиерот Христијан Мицкоски. Апасиев направи споредба со негово лично искуство од времето кога бил опозициски пратеник и обвини за двојни стандарди во постапувањето на институциите.
Апасиев тврди дека пред неколку години добивал сериозни закани по живот, тело и семејство од лица кои ги опишува како муџахедини. Според неговото сведоштво, тој тогаш поднел кривична пријава, но Основното јавно обвинителство Скопје двапати ја отфрлило.
„Мене пред некоја година, како тогашен опозициски ПРАТЕНИК, муџахедини ми се закануваа по живот, тело и фамилија – па една обвинителка од ОЈО Скопје (…) во два наврата, ми ја отфрли кривичната пријава онака лежерно“, напиша Апасиев на социјалните мрежи.
Тој потоа го спореди тој случај со актуелниот предмет во кој осомничен 39-годишен жител на селото Черкези преку пораки на социјалните мрежи, според обвинителството, го навредувал и му се заканувал на премиерот. За него обвинителството побара притвор, наведувајќи го ризикот од бегство, начинот на извршување на делото и неговото претходно однесување поврзано со насилни кривични дела.
Закани кон Мицкоски преку социјални мрежи: Обвинителството бара притвор за 39-годишник од Черкези
Судот во меѓувреме му определи осумдневен притвор на осомничениот. Случајот е оформен како кривично дело „загрозување на сигурноста“, а обвинителството наведува дека станува збор за лице кое и претходно било евидентирано за насилство, лихварство и прекршоци поврзани со нарушување на јавниот ред и мир.
Апасиев во својата реакција не го оспорува правото на институциите да постапуваат при закани, туку прашува зошто, според него, не бил применет ист пристап и во неговиот случај. Тој најави дека ќе ја пронајде документацијата од сопствената кривична пријава за да направи споредба со актуелниот предмет.
„ЌЕ СПОРЕДИМЕ за какви реални закани од радикални структури, скопското Јавно обвинителство не отвори постапка (…) а за какви „закани“ отвори“, напиша Апасиев, обвинувајќи го обвинителството за различно мерење на случаите.
Неговата реакција доаѓа еден ден откако обвинителството соопшти дека повело постапка против кумановецот, додека самиот Мицкоски изјави дека за заканите дознал претходниот ден и дека институциите веќе презеле мерки.









