Иднината на проширувањето на Европската Унија беше во фокусот на неформалниот состанок на министрите за европски прашања во Даблин, откако граѓаните на Исланд со тесно мнозинство го отфрлија повторното отворање на преговорите за членство.
На референдумот, 52,8 отсто од гласачите се изјаснија против продолжување на процесот, наспроти 47,2 отсто кои го поддржаа. Високата излезност од 82,5 отсто дополнително ја нагласи тежината на резултатот.
По ваквиот исход, земјите членки на ЕУ испраќаат порака дека процесот на проширување мора да се забрза и да остане кредибилен, правичен и заснован на исполнување на условите. Се очекува Европската комисија да работи на олеснување на пристапувањето на идните членки.
Исланд долго време се сметаше за земја која би можела релативно брзо да се приближи до Унијата. Земјата е дел од Европската економска зона и во голема мера е интегрирана со европскиот пазар, но прашањата поврзани со суверенитетот и контролата врз риболовните води беа меѓу главните причини за одбивањето на членството.
Резултатот од Исланд се гледа и како порака за пошироката политика на проширување, особено за земјите од Западен Балкан. Во Даблин, македонскиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали порача дека Северна Македонија ја избрала европската интеграција и дека е подготвена да го исполни својот дел од обврските.
Во Брисел, пак, останува прашањето дали ЕУ ќе успее да го задржи проширувањето високо на политичката агенда и да ја врати довербата кај земјите кои со години чекаат напредок во процесот на пристапување.






