Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против 39-годишен жител на селото Черкези, кој е осомничен дека преку пораки на социјалните мрежи го навредувал и му се заканувал на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски. За него се води постапка поради сомнение за кривично дело „Загрозување на сигурноста“ од член 144 став 5 од Кривичниот законик.
Обвинителството, поради околностите под кои наводно било сторено делото и проценетиот ризик од бегство, до судија на претходна постапка доставило предлог за определување мерка притвор.
При одлучувањето за мерката, обвинителот го зел предвид и претходното поведение на осомничениот. Според обвинителството, тој се поврзува и со други кривични дела од областа на насилниот криминал, меѓу кои насилство и лихварство, како и со повеќе прекршоци за нарушување на јавниот ред и мир.
Во образложението на предлогот за притвор се наведува дека станува збор за лице кое често влегувало во расправии, упатувало закани и физички се пресметувало со пријавители.
Обвинителството оценува дека поради ваквото претходно однесување постои реален ризик агресивните испади да прераснат во потешки кривични дела со можни животозагрозувачки последици. За предлогот за притвор треба да одлучи судија на претходна постапка.










