AI News
  • Актуелно
  • Анализа
  • Истрага
  • Приказна
  • Свет
  • Хроника
No Result
View All Result
AI News
  • Актуелно
  • Анализа
  • Истрага
  • Приказна
  • Свет
  • Хроника
No Result
View All Result
AI News
No Result
View All Result
35 години македонски спорт: Од рачно испишаното „Македонија“ до европските и светските спортски сцени

35 години македонски спорт: Од рачно испишаното „Македонија“ до европските и светските спортски сцени

Историјата на македонскиот спорт во овие 35 години всушност може да се чита како приказна за една трансформација. Од желбата да учествуваме – до амбицијата да победуваме.

ДЕСК коректив.мк by ДЕСК коректив.мк
September 8, 2026
in Став
Summarize with ChatGPTShare to Facebook

Пред 35 години, кога Македонија ја започна својата приказна како независна држава, веројатно малкумина можеле да предвидат дека спортот ќе стане еден од најсилните и најпрепознатливите симболи на нашата државност.

Денес, по три и пол децении, кога ја погледнуваме историјата зад нас, македонскиот спорт не може да се измери само со медали, трофеи, освоени бодови или пласмани. Неговото вистинско значење е многу поголемо. Спортот беше еден од просторите во кои независна Македонија го градеше својот идентитет пред светот. Тоа е приказна за генерации спортисти, тренери, спортски работници, родители, навивачи и граѓани кои, во различни периоди и под различни околности, ја носеа истата порака: “можеме.”

Кога името беше напишано со рака

Почетоците не беа ниту лесни, ниту гламурозни. Немавме долга традиција на самостојни репрезентативни настапи. Немавме доволно развиена инфраструктура каква што имаа големите европски спортски нации. Немавме доволно искуство, ресурси и институционална поддршка. Но имавме нешто што често е поважно од сите ресурси – верба дека можеме да создадеме нешто свое.

Го паметам почетокот на македонската ракометна репрезентација. Благодарна сум што бев дел од македонската женска ракометна репрезентација од првиот ден во независна и самостојна Македонија. Ги паметам првите дресови. И она што денес можеби звучи речиси нереално – името “МАКЕДОНИЈА“ на еден натпревар го напишавме сами. Но, токму во тие рачно испишани букви имаше нешто што не можеше да се купи, ниту да се произведе.

Имаше “гордост и емоции”

Имаше чувство дека создавањето на македонската спортска репрезентација не е само спортски проект. Тоа беше дел од создавањето на една нова реалност. Секој натпревар тогаш беше повеќе од натпревар.
Секој настап беше можност името Македонија да биде видено, слушнато и запаметено. Секој гол беше мал, но значаен чекор кон македонскиот спортски идентитет.

Од учесници до победници

Историјата на македонскиот спорт во овие 35 години всушност може да се чита како приказна за една трансформација. Од желбата да учествуваме – до амбицијата да победуваме. Од првите настапи на независна држава, стигнавме до европски и светски првенства. Од репрезентации кои допрва требаше да го создаваат својот идентитет, стигнавме до тимови кои противниците ги гледаат со респект. Особено силно таа трансформација се почувствува во ракометот. Македонскиот ракомет не само што создаде репрезентативна традиција, туку создаде и европска клупска историја.

“Кометал Ѓорче Петров” со освојувањето на европската титула во женска конкуренција не освои само трофеј. Тој успех ја помести границата на она што како мала спортска нација сметавме дека е возможно. МАКЕДОНИЈА БЕШЕ НА ВРВОТ НА ЕВРОПА

Потоа дојде “Вардар”

Не една туку две европски титули. Големи европски спортски спортски сили останаа зад нас. Машкиот и женскиот тим создадоа генерации кои ја освоија Европа и го претворија црвено-црниот дрес во еден од најсилните симболи на македонскиот спорт. Европските титули на Вардар не беа само клупски успеси.Тие беа доказ дека големината на една спортска приказна не се определува според големината на државата.

Најголемите европски арени станаа места каде што се слушаше македонската химна. И тогаш станавме свесни дека македонскиот спорт повеќе не е само приказна за учество. Тој стана приказна за победување.

Спортот што ја обедини Македонија

Но спортот никогаш не бил само прашање на резултат. Неговата вистинска сила се гледа во моментите кога илјадници луѓе, кои во секојдневниот живот се различни, одеднаш стануваат едно. Таков беше моментот со македонската кошаркарска репрезентација во 2011 година. Полуфинале на Европското првенство беше повеќе од историски спортски резултат. Тоа беше колективно искуство. Македонија живееше за кошарката.

А победата над домаќинот Литванија беше еден од оние моменти кога спортскиот успех престанува да биде личен или тимски и станува “општествено чувство.” Го паметам тој момент. Гледав од фотеља. По победата отидов на плоштад. Сакав да ја споделам неизмерната среќа.Чуството дека нашите победуваат
И таму, меѓу илјадници луѓе, сфатив нешто што ниту една статистика не може да го измери:

Понекогаш една спортска победа може да создаде чувство на заедништво кое со години не успеваат да го создадат институциите. Никој не прашуваше кој е од каде. Никој не прашуваше за разликите. Сите ја славевме Македонија.

Фудбалскиот сон

А потоа дојде и фудбалот. По години квалификации, надежи, разочарувања и нови почетоци, македонската фудбалска репрезентација го оствари сонот – пласман на Европското првенство. Тоа беше историски момент не само за македонскиот фудбал, туку и за целото македонско општество. Зашто националниот фудбалски дрес има една специфична моќ. Тој е еден од ретките симболи под кои можат да застанат милиони луѓе со различни лични приказни, различни погледи и различни животни патишта. Кога репрезентацијата излезе на теренот, тие разлики престанаа да бидат важни.

Прославите по пласманот беа доказ за моќта на спортот да го претвори индивидуалното чувство на гордост, во колективна емоција. Улиците беа исполнети. Се веeја знамиња. Се пееше. Се славеше.Но суштината не беше само во пласманот. Суштината беше во пораката: “Ако веруваме, ако истраеме и ако не се откажеме, понекогаш и невозможното станува достижно.”

Моменти што не се мерат со медали

Во овие 35 години има многу датуми, натпревари и имиња кои заслужуваат посебно место во нашата спортска меморија. Го паметам пречекот на женската ракометна репрезентација по освоеното осмо место во 1997 година. Од денешна перспектива можеби осмото место некому ќе му изгледа како статистички податок. Но тогаш тоа беше порака. Порака дека македонските ракометарки можат да бидат дел од најдобрите. Порака дека Македонија може да има репрезентација која ќе се натпреварува на највисоко европско и светско ниво.

Го паметам и пречекот на машката ракометна репрезентација по Европското првенство во Србија. И повторно – илјадници луѓе. Повторно заедништво. Повторно чувство дека спортот успева да создаде простор во кој заедничката гордост е посилна од моменталниот резултат. А потоа и пречеците на Вардар по европските титули. Плоштадот исполнет со луѓе. Црвено-црните знамиња. Играчите на сцената. Химната. Емоцијата. Тоа не беа само прослави на клубски трофеи. “Тоа беа моменти во кои една мала држава се чувствуваше голема.”

Сон за олимписки медал

Во Сиднеј 2000 година тој сон стана реалност. Таа бронза сјаеше посилно од злато Македонија влезе во редот земји на освојувачи на олимписки медали. Македонија може. Дваесет години подоцна извонреден успех на нашиот Дејан и неговиот тим. Сребрени во таеквондо. Гордост голема. Две олимписки приказни две генерации, два медали една Македонија. Во наредните години сонуваме учество на македонска репрезентација во колективен спорт на олимписки игри.

Македонското знаме насекаде

Но постои една слика која, можеби повеќе од сите трофеи, ја опишува целата оваа приказна. Не паметам место во светот каде што настапувала македонска репрезентација или македонски клуб, а на трибините да немало македонско знаме. Некогаш се илјадници. Некогаш се само неколкумина. Но го има. Во европските арени. На светските првенства. На стадионите. Во спортските сали. На плоштадите. На улиците.

Македонското знаме патува заедно со македонскиот спорт. И тоа е можеби најубавата потврда дека зад секој спортист стои публика која не го следи само резултатот, туку го следи и патот. Затоа сме со нашите репрезентации и кога победуваат и кога губат. Зашто вистинската поддршка не се покажува само кога се освојуваат медали. Се покажува и кога е најтешко. Кога резултатот не е поволен. Кога има разочарување. Кога останува само надежта дека следниот натпревар ќе биде подобар.

“Навивањето не е награда за победата. Навивањето е верба во човекот кој се бори за победата.”

Зад секој успех стои невидлива армија

Кога зборуваме за македонскиот спорт, премногу лесно е да ги паметиме само оние чии имиња се испишани со големи букви. Но ниту еден голем успех не е дело на еден човек. Зад секој спортист стои тренер. Зад тренерот – клуб. Зад клубот – спортски работници. Зад спортистот се неговите родители.
Лекарите, физиотерапевтите, федерациите, организаторите, волонтерите. Луѓето кои обезбедуваат услови.
И сите оние чии имиња никогаш не се појавиле на насловните страници.

“Спортскиот успех е секогаш колективен производ, иако медалот го прима поединецот.” Во ракометот знаеме да кажеме дека поединецот постигнува голови но победува тимот Затоа, 35-годишната историја на македонскиот спорт е и нивна историја. Не ги паметиме само трофеите. Секако, невозможно е во еден текст да се опфатат сите големи спортисти, тренери, клубови, репрезентации и моменти.

И однапред се извинувам доколку некој важен успех или име остане ненаведено. Но можеби и не треба да се обидеме да ја измериме оваа историја само со бројки. Зашто најголемите спортски наследства не се секогаш запишани во статистиката. Тие се запишани во “колективната меморија.”

Во детето кое за првпат гледа натпревар и посакува да стане спортист. Во млад човек кој го облекува репрезентативниот дрес и првпат чувствува што значи да го претставува своето име и својата земја.
Во родителот кој го носи детето на тренинг. Во навивачот кој патува илјадници километри за да биде на трибината. Во македонското знаме кое се развејува далеку од дома. И токму тука е најголемата вредност на спортот: “Спортот не создава само победници. Создава генерации кои веруваат дека победата е можна.”

Од едно рачно испишано име до спортска традиција

Кога денес ќе се вратиме 35 години наназад, можеме да видиме колку многу се променило.
Од првите дресови. Од првите настапи. Од рачно испишаното„МАКЕДОНИЈА“.

До европските шампиони. До светските и европските првенства. До олимписките медали. До историските пласмани. До фудбалската репрезентација на Европското првенство. Но најважното достигнување не е ниту еден од овие резултати поединечно. Најважното достигнување е создавањето на спортска традиција.

Традиција во која едно дете денес може да сонува да стане репрезентативец затоа што пред него има генерации кои покажале дека тоа е возможно. Традиција во која македонскиот дрес не е само парче спортска опрема, туку симбол на припадност. Традиција во која македонското знаме не е само знаме на трибините, туку порака дека и една мала земја може да остави голема трага. И можеби најважниот натпревар допрва следи.

35 години се доволно долг период за да можеме да зборуваме за историја. Сето она што го постигнаа генерациите пред нас создава обврска кон генерациите што доаѓаат. Нашата задача не е само да ги славиме оние што победиле. Нашата задача е да создадеме услови идните генерации да победуваат уште почесто. Да инвестираме во младите, во спортската инфраструктура, во стручниот кадар, во спортската наука, во системот, во фер и професионални услови.

Зашто спортската иднина не се создава на денот на големиот натпревар.

Таа се создава години претходно – во малите сали, на терените, на тренинзите, во училиштата и во семејствата.

А најголемата победа на една спортска нација не е кога ќе освои еден трофеј. Најголемата победа е кога ќе создаде систем што ќе овозможи трофеите да не бидат исклучок, туку последица на квалитетот.

И затоа, ако треба во една слика да ги собереме овие 35 години, јас би се вратилa на почетокот. На еден дрес. На неколку луѓе.

На едно со рака испишано име: МАКЕДОНИЈА.

Тогаш тоа можеби изгледаше како едноставен натпис. Но во тие букви беше запишан еден сон. Сонот една држава да биде препознаена. Сонот нејзините спортисти да се натпреваруваат со најдобрите. Сонот македонската химна да се слуша во големите европски и светски арени.

35 години подоцна, тој сон има свои лица, свои генерации, свои медали, свои трофеи, свои победи и свои незаборавни моменти. Но има и нешто уште повредно. Има наследство.  Наследство кое им припаѓа на оние што го започнаа патот и на оние што денес го продолжуваат. Има вербата дека можеме.

И можеби токму затоа спортот е толку важен за една држава. Зашто кога нашиот спортист ќе излезе на теренот, тој не носи само дрес. Го носи името. Кога ќе се слушне химната, слушаме припадност.Кога ќе се развее знамето, гледаме историја. А кога илјадници луѓе ќе станат и ќе запеат заедно, сфаќаме дека спортот понекогаш може да направи нешто што ретко која друга општествена сила може да го направи – да нè потсети кои сме.

35 подоцна, можеме да бидеме горди. Не затоа што секогаш победувавме. Туку затоа што никогаш не престанавме да се натпреваруваме и не се откажуваме.  Не затоа што секогаш бевме најдобри. Туку затоа што секогаш верувавме дека можеме да бидеме подобри.

И затоа што зад секоја победа, секој медал, секоја европска титула и секој историски пласман стои една иста приказна. Приказна која започна со нешто мало. Еден дрес. Еден тим. Еден сон.

И едно име напишано со рака: МАКЕДОНИЈА.

Тогаш тоа беше почеток.
Денес тоа е историја. А утре треба да биде инспирација.

 

Пишува: Гордана Нацева – европска шампионка со РК Кометал Ѓорче Петров и долгогодишна капитенка на македонската ракометка репрезентација

 

*Ставовите и колумните објавени се лични мислења на авторите и не претставуваат став или уредувачка политика на Коректив.мк. Редакцијата не сноси одговорност за евентуални грешки или штети кои би можеле да настанат од објавените содржини.

Tags: 35 години независностГордана НацеваМакедонијаспорт
SummarizeShare238

Related Stories

„Парадоксот на Диоген“, 65 години подоцна

„Парадоксот на Диоген“, 65 години подоцна

by ДЕСК коректив.мк
September 10, 2026
0

Еден ден по одбележувањето на 35 години независност, Македонија повторно зборува за државност, достоинство, иднина и европски вредности. Знамињата се собраа, говорите завршија, а големите зборови повторно се...

Бриселски институт: ЕУ не е подготвена за проширување, но полноправното членство никогаш не било единствениот модел на интеграција

Бриселски институт: ЕУ не е подготвена за проширување, но полноправното членство никогаш не било единствениот модел на интеграција

by ДЕСК коректив.мк
September 13, 2026
0

Европската Унија сега е неподготвена да прифати нови членови, а интеграцијата на земји како Исланд или Норвешка во единствениот пазар, примената на сите одредби на ЕУ во тие...

И по 35 години, поделбите сè уште траат

И по 35 години, поделбите сè уште траат

by ДЕСК коректив.мк
September 8, 2026
0

„Политичките партии и сите политичари Албанци и Македонци од првиот ден на осамостојувањето на Македонија не поделија на Албанци и Македонци, но тогаш сите бевме до некаде сиромашни....

Многу универзитети, многу дипломи, малку знаење

Многу универзитети, многу дипломи, малку знаење

by ДЕСК коректив.мк
September 7, 2026
0

Слабостите на високото образование и науката во Македонија не се збир од изолирани и спорадични пропусти на оваа или онаа владејачка партија. Не потекнуваат ниту од новокачениот Курто,...

Next Post
ВИДЕО| Жени го обвинуваат советникот на Груевски – Сем Вакнин дека е сексуален предатор и лажен психотерапевт

ВИДЕО| Жени го обвинуваат советникот на Груевски – Сем Вакнин дека е сексуален предатор и лажен психотерапевт

Коректив.мк

Коректив.мк е независен истражувачки медиум кој ја држи новинарската „куче‐чувар“ функција на
властите, институциите и големите интереси. Ние го следиме јавниот живот и ги откриваме
аномалиите, неправилностите и девијациите кои му штетат на општеството, со цел да
придонесеме за поголема транспарентност и одговорност, со почитување на професионалните
новинарски етички стандарди.

Follow us

Став

„Парадоксот на Диоген“, 65 години подоцна

„Парадоксот на Диоген“, 65 години подоцна

September 10, 2026
Бриселски институт: ЕУ не е подготвена за проширување, но полноправното членство никогаш не било единствениот модел на интеграција

Бриселски институт: ЕУ не е подготвена за проширување, но полноправното членство никогаш не било единствениот модел на интеграција

September 13, 2026

Не пропуштајте

Државата во облак, јавноста во магла: што ни покажа Пехчево за дата-центрите

Државата во облак, јавноста во магла: што ни покажа Пехчево за дата-центрите

September 8, 2026
ВИДЕО| Жени го обвинуваат советникот на Груевски – Сем Вакнин дека е сексуален предатор и лажен психотерапевт

ВИДЕО| Жени го обвинуваат советникот на Груевски – Сем Вакнин дека е сексуален предатор и лажен психотерапевт

September 14, 2026
  • За нас
  • Кодекс на новинари
  • Импресум
  • Контакт
  • Маркетинг

© 2026 коректив.мк. Сите права се задржани.

Powered by
►
Necessary cookies enable essential site features like secure log-ins and consent preference adjustments. They do not store personal data.
None
►
Functional cookies support features like content sharing on social media, collecting feedback, and enabling third-party tools.
None
►
Analytical cookies track visitor interactions, providing insights on metrics like visitor count, bounce rate, and traffic sources.
None
►
Advertisement cookies deliver personalized ads based on your previous visits and analyze the effectiveness of ad campaigns.
None
►
Unclassified cookies are cookies that we are in the process of classifying, together with the providers of individual cookies.
None
Powered by
No Result
View All Result
  • Актуелно
  • Анализа
  • Истрага
  • Приказна
  • Свет
  • Хроника

© 2026 коректив.мк. Сите права се задржани.