Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судскиот процес за случајот „Државна лотарија“, во кој обвинети се повеќе поранешни функционери и членови на органите на управување на АД „Државна лотарија“, меѓу кои и поранешниот прв заменик-претседател на Владата, Артан Груби.
На второто рочиште, одржано денеска, Груби, кој во судот беше спроведен од куќен притвор, пред судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски изјави дека не се чувствува виновен за делата што му се ставаат на товар. При утврдувањето на личните податоци во судницата, Груби се изјаснил дека е невработен, но дека поседува имот на свое име. Во текот на постапката тој навел дека ќе го користи само македонскиот јазик.
За невини се изјаснија и поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски, како и членовите на Надзорниот одбор кои се опфатени со обвинението.
Првообвинетиот Перпарим Бајрами, поранешен генерален директор на АД „Државна лотарија“, и понатаму е недостапен за органите на прогонот и се наоѓа во бегство. Поради тоа, судот го прифати предлогот на Јавното обвинителство постапката против него да се води во отсуство. Неговата одбрана ја застапува адвокатот Еленко Миланов, кој бил ангажиран од неговата сестра Вјолца Бајрами.
Рочиштето беше одложено откако обвинетиот Башким Авди во последен момент побара обвинението и доказниот материјал да му бидат доставени на албански јазик. Главната расправа е презакажана за во петок.
Јавниот обвинител Александар Давчевски ваквото барање го оцени како обид за злоупотреба на процесните права, со образложение дека Авди претходно ги добивал судските поуки преку преведувач.
Обвинителството ја зголеми пресметаната финансиска штета
Јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски од Основното јавно обвинителство Скопје пред судот го презентираа обвинителниот предлог, според кој обвинетите во периодот од 2023 и 2024 година се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Со дополнителното прецизирање на обвинението, кое следело по извршените финансиски вештачења, износот на наводната штета е зголемен. Од првично утврдените околу 8,2 милиони евра, односно 507.632.173 денари, штетата сега е проценета на околу 9,7 милиони евра, односно 596.125.511 денари.
Според Обвинителството, обвинетите незаконски овозможиле набавка на коцкарски машини и видеолотариски терминали, како и самостојно приредување електронски игри на среќа, иако законското право за тоа веќе било доделено на компанијата Казинос Австрија.
Во однос на Артан Груби, обвинението го става во фокус неговото претседавање со владина седница на која била донесена спорната одлука поврзана со работењето на Државна лотарија.
Покрај Груби и Бајрами, со обвинителниот акт се опфатени и поранешниот претседател на Надзорниот одбор Скендер Мехмети, како и членовите Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авдији.
Обвинителството најави дека во постапката ќе презентира 231 материјален доказ, финансиски вештачења и ќе сослуша седум сведоци.
Целта на обвинителството е преку доказната постапка да покаже дека обвинетите преземале заеднички и координирани дејствија со кои, според обвинението, свесно ја оштетиле државната институција.
Од друга страна, адвокатот кој ја застапува Државна лотарија како оштетено правно лице пред судот посочи дека друштвото има побарувања. Сепак, дополнително ќе биде одлучено дали тие побарувања ќе се бараат во рамки на оваа кривична постапка или преку посебна граѓанска парница.
Случајот предизвикува значително внимание во јавноста, особено поради политичкиот профил на дел од обвинетите и фактот што меѓу нив е и поранешниот вицепремиер Артан Груби.
Предметот го води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски, а постапката се води по скратена постапка. Одбраната на обвинетите ја застапуваат повеќе адвокати, меѓу кои и Асмир Алиспаиќ.










