Експозитурите на Алта банка АД Битола од понеделник, 2 ноември, привремено нема да работат со клиенти, до дополнително известување. Банката ја објави одлуката по воведувањето заштитни мерки од Народната банка, со кои на физичките лица им се ограничува користењето средства преку платежните картички на 10.000 денари неделно.
Од банката наведуваат дека мерките имаат превентивен карактер и се насочени кон заштита на средствата и интересите на клиентите. Засега не е соопштено кога експозитурите повторно ќе бидат отворени за работа со граѓаните, а за промените и следните чекори клиентите ќе бидат известувани преку официјалните канали на банката.
Одлуката следува по денешното соопштение на гувернерот Трајко Славески дека Народната банка воведува привремена администрација во Алта банка АД Битола. Со ова, управувањето со имотот на банката привремено преминува кај лица именувани од централната банка. Славески ја образложи интервенцијата со потребата да се заштитат штедачите и да се зачува стабилноста на банката по случувањата со нејзиниот сопственик, Алта банка АД Белград.
„Алта банка АД Битола е високо капитализирана, ликвидна и со солиден квалитет на кредитното портфолио и ги исполнува сите супервизорски стандарди“, изјави Славески, нагласувајќи дека администрацијата е мерка од времен карактер.
Според информациите објавени вечерва, не работи ниту електронското банкарство. Кредитокорисниците, пак, и натаму треба навремено да ги исполнуваат обврските кон банката.
Алта банка АД Битола е поранешната Стопанска банка Битола, која минатата година беше преземена од белградската Алта банка. Случувањата се интензивираа откако на 31 октомври Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на банката во Белград. Македонската Народна банка првично појасни дека таа одлука сама по себе не значи автоматско одземање на дозволата за работа на банката во Битола, која е посебно правно лице под домашна супервизија.
Сепак, веста од Србија предизвика повлекување средства и од македонската банка. Според Славески, во саботата клиентите повлекле околу два милиона евра од банкоматите и експозитурите. Ден подоцна беа објавени привремената администрација, ограничувањето за користење средства преку картичките и прекинот на работата на експозитурите со клиенти.
Гувернерот соопшти и дека постојат заинтересирани купувачи на акциите од земјава и од странство. Според неговата изјава, максималниот рок за привремената администрација е три месеци, но Народната банка очекува решение во пократок период.







