Граѓаните наскоро ќе можат преку мобилна апликација да проверат дали направиле сообраќаен прекршок, на која локација е регистриран и да ги погледнат доказите врз основа на кои е евидентиран. Апликацијата ќе биде достапна од следната недела, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тој појасни дека дигиталната алатка веќе функционира за странските државјани, а во наредните денови ќе биде овозможена и за домашните корисници. Точниот датум на нејзиното пуштање во употреба дополнително ќе биде соопштен.
Тошковски вели дека целта е граѓаните на поедноставен начин да имаат пристап до информациите за евентуалните прекршоци, без потреба од дополнителни проверки преку институциите.
Во меѓувреме, продолжува проширувањето на системот „Безбеден град“ и во другите градови. Следна е Струмица, каде што системот треба да започне да функционира во првата половина на декември.
Потоа имплементацијата треба да продолжи во Штип, најдоцна до јануари, а потоа и во Битола. Според најавите на министерот, проширувањето на системот треба да биде завршено до крајот на февруари.









