Системот „Безбеден град“ до февруари следната година треба да биде воведен на целата територија на државата, а покрај фиксните, МВР планира да постави и мобилни камери на сообраќајните „црни точки“. Камери за мерење брзина ќе добијат и полициските возила, со што прекршоците ќе може да се регистрираат и додека се во движење, најави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Според најавата, тестирањето на камерите во полициските возила треба да започне следниот месец, а тие би требало да бидат целосно функционални најдоцна до февруари. Целта е да се овозможи контрола на брзината на возилата без оглед на локацијата на која се наоѓаат, односно возачите да не можат да предвидат каде ќе бидат контролирани.
„Констатиравме дека колку и да поставуваме камери на конкретни локации, нема да може да делуваме соодветно превентивно на степен на кој сакаме да делуваме, сè до моментот додека секој оној што несоодветно управува со возило не е сигурен на која точна локација може да биде детектиран заради тоа што го крши законот“, рече Тошковски.
Полициските возила ќе станат мобилни камери за сообраќајни прекршоци
Покрај камерите во полициските автомобили, Министерството планира набавка и на дополнителна мобилна опрема за надзор на најризичните сообраќајни локации. Во тек е утврдување на сите таканаречени „црни точки“, односно делниците на кои се регистрирани најголем број сообраќајни несреќи со загинати и тешко повредени лица. Контролата ќе ги опфати и централните градски подрачја, но и магистралните и експресните патишта.
Проширувањето на „Безбеден град“ во другите градови треба да биде завршено до февруари следната година. Во Струмица системот се очекува да започне да функционира во првата недела од декември, во Штип до крајот на годинава, а потоа ќе следува и негово воведување во Битола.
Тошковски најави и дека до крајот на годинава преку системот ќе започне автоматско регистрирање на непрописното паркирање и запирање на возилата. Досега, како што објасни, проблем претставувало разликувањето на вистинските прекршоци од застојот што настанува поради сообраќаен метеж.
„До крајот на годинава ќе почнеме да ги констатираме погрешното паркирање и запирање на возила“, рече министерот.
Според податоците што ги презентираше Тошковски, од воведувањето на „Безбеден град“ бројот на загинати во сообраќајни несреќи е намален за околу 29 проценти во споредба со претходните две години.
Во првите десет месеци од годинава во сообраќајни несреќи загинале 85 лица. За истиот период лани биле регистрирани 117 загинати, а во 2024 година – 119.









