Полицијата го расчисти убиството на 38-годишниот Ш.Е. од селото Љубин, чие тело со прострелна рана беше пронајдено минатата сабота на скопската обиколница „Мајка Тереза“, во близина на Смилковци. За убиството е осомничен 38-годишниот Б.Ј. од Скопје, кој е уапсен вчера, а при полицискиот распит го појаснил начинот на извршување на делото.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека осомничениот бил уапсен на 26 ноември, по преземени мерки на полицијата од Единицата за насилен криминал при СВР Скопје.
Телото на убиениот Ш.Е. беше пронајдено на 21 ноември на обиколницата, а во негова близина било затекнато и патничкото возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, кое претходно го управувал.
По апсењето, со Б.Ј. бил извршен службен разговор, при што тој го појаснил начинот на кој го извршил кривичното дело.
Денеска, по целосно документирање на случајот и во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, полицијата поднела кривична пријава против него за кривично дело „Убиство“ по член 123 од Кривичниот законик.









