Повеќе од 40 локации во Скопје во моментов се користат за чување податоци и сервери на државните институции, а ваквата распределеност ја прави инфраструктурата ранлива на технички дефекти и прекини во услугите. Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски смета дека изградбата на национален дата-центар е неопходна за поголема сигурност на државните системи, но и за развојот на вештачката интелигенција во земјава.
Проблемот, според Андоновски, не е само во заштитата од кибернапади, туку и во секојдневното функционирање на институциите. Серверите се сместени на различни локации, под одговорност на повеќе институции, па дефекти во климатизацијата, проблеми со напојувањето или други технички пречки можат да предизвикаат прекини во државните услуги.
Проектот за национален дата-центар веќе е предвиден како индикативен во Планот за раст на Европската Унија и во реформската агенда на државата. Се разгледуваат и можности за дополнително финансирање, информираше министерот на панел-дискусијата „Дата-центрите, расчистување на мистеријата“, организирана во рамките на конференцијата на Стопанската комора и УНДП.
Но, изградбата на ваква инфраструктура не е важна само за обединување на државните сервери. Со забрзаниот развој на вештачката интелигенција, капацитетите за складирање и обработка на големи количества податоци стануваат и економско и стратешко прашање. Андоновски предупреди дека државите што нема да инвестираат во сопствена инфраструктура ќе стануваат сè позависни од странски технолошки компании.
Тој посочи дека Македонија веќе работи на обезбедување пристап до капацитети за вештачка интелигенција преку регионални иницијативи и со поддршка од Европската Унија, но оцени дека тоа не може да ја замени потребата од домашни капацитети.
Развојот на дата-центри, според министерот, може да отвори простор и за нови инвестиции, трансфер на технологии и вклучување на домашните ИТ-компании. Тој посочи дека земјава годишно создава речиси илјада ИТ-инженери, но дека е потребна нивна дополнителна специјализација во области како кибербезбедност, cloud computing и управување со центри за податоци.
Како потенцијални локации за изградба на помали и средни дата-центри се разгледуваат напуштени индустриски капацитети и подрачја во близина на индустриските развојни зони. Андоновски ги спомена Скопје и Охрид, а како особено атрактивен регион го посочи и подрачјето околу Неготино.
Сепак, изградбата на вакви капацитети отвора и прашања за нивното влијание врз животната средина, пред сè поради потрошувачката на електрична енергија и потребите за ладење. На ова предупреди Петар Пешев од компанијата „Ултра“, посочувајќи дека не треба сите дата-центри да се третираат како ист тип инфраструктура.
Особено голема разлика, според него, има меѓу класичните центри за податоци и оние наменети за вештачка интелигенција, кои бараат значително повеќе електрична енергија и посложени системи за ладење. Затоа, при планирањето на нови капацитети, покрај економската оправданост, мора да се земат предвид и енергетските и еколошките последици.
Пешев ја истакна и важноста на локалното чување и обработка на податоците, особено за сектори како осигурувањето и јавната администрација, каде што заштитата на чувствителните информации е од особено значење.
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, оцени дека државата мора да ги отвори прашањата за индустрискиот развој, енергетиката и екологијата, наместо тие да се третираат одделно. Како приоритети на бизнис-заедницата ги посочи справувањето со корупцијата и сивата економија, забрзувањето на гасификацијата, поддршката на извозот и поголемата регионална економска интеграција.









