За владата киријата не е дел од реалните трошоци за живот на просечното четиричлено семејство, бидејќи над 90 проценти од граѓаните живеат во сопствени домови. Вакво образложение даде министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, одговарајќи на прашањата за разликите меѓу владината и синдикалната потрошувачка кошничка.
Дурмиши ја оцени синдикалната кошничка како „посакувана“, а не минимална, повикувајќи се на објаснувањата на самите синдикалци. Според него, таа покажува колку пари би му биле потребни на едно четиричлено семејство за да ги задоволи своите потреби, додека владината пресметка се темели на податоци од надлежните институции и треба да ги прикаже просечните трошоци на домаќинствата.
Како дополнителна причина за разликите меѓу двете кошнички, министерот го посочи различниот избор на производи и услуги. Според него, синдикалната пресметка вклучува тутун, алкохол и одредени прехранбени производи чија потрошувачка се менува во текот на годината.
Дурмиши тврди дека владината кошничка опфаќа повеќе од 100 производи. Според неговите податоци, во последниот месец нејзината вредност се зголемила за 900 денари, додека синдикалната кошничка пораснала за 400 денари.
Министерот се осврна и на можноста за поскапување на електричната енергија и влијанието што тоа би го имало врз домаќинствата, компаниите и инфлацијата. Тој рече дека досегашните мерки на Министерството за економија и труд сè уште важат, меѓу кои намалувањето на ДДВ-то за нафтените деривати и намалувањето на акцизата.









