Уставниот суд на 2 декември ќе избира нов претседател, иако мандатот на актуелниот претседател Дарко Костадиновски истекува дури на 11 јануари следната година.
Од Уставниот суд информираа дека датумот за избор бил најавен на колегиумот одржан на 2 ноември, кога Костадиновски ги запознал судиите со распоредот на претстојните состаноци и седници.
Во меѓувреме, Собранието направи чекор кон пополнување на испразнетото судиско место во Уставниот суд. Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата ја предложи судијката Теодора Ефтимовска-Бојковска од Основниот суд Гостивар за нова уставна судијка.
Таа треба да го пополни местото на професорот Гоце Наумовски, чија оставка Собранието ја констатираше на 20 јули годинава. Предлогот на Комисијата беше усвоен едногласно, со осум гласа „за“.
Ефтимовска-Бојковска дипломирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје во 1995 година. По волонтерскиот ангажман, во 2008 година била избрана за судија во Основниот суд Гостивар, каде што работела на граѓански предмети. Од 2023 до 2026 година, со одлука на Судскиот совет, била упатена во Основниот суд Тетово, каде што продолжила да работи во истата област.
Претседателот на Комисијата, Ѓорѓија Сајкоски, ја оцени како искусен судија и посочи дека нејзината кандидатура е утврдена согласно надлежностите на ова собраниско тело.









