Со пораки против насилството врз жените, фемицидите и неефикасната институционална заштита, денеска пред Владата се одржа протест во организација на иницијативата „Ниту една повеќе“.
„Мал престап жени убива, брат“, „Кој ви даде право да нè убивате“, „Сите за една, една за сите“ и „Жени, живот, слобода“ беа дел од пораките што ги испратија присутните, барајќи правда за жртвите и одговорност од надлежните институции.
На собирот се обрати и Бети Ангеловска, мајка на Емилија од Битола, која говореше за насилството на кое, според нејзините тврдења, подолг период била изложена нејзината ќерка, како и за пропустите во институционалната заштита.
Таа побара од Јавното обвинителство детално да ги анализира мобилните телефони на нејзината ќерка, кои се одземени за вештачење. Според Ангеловска, во нив се наоѓаат видеоснимки, фотографии и други докази за настаните во изминатата година.
„Го молам министерот, го молам Јавното обвинителство, телефоните се земени на вештачење. Во нив има снимки, видеа, материјали, слики. Убаво да ги прегледаат телефоните, има внатре сешто да се види за наредната година наназад“, порача таа.
Ангеловска откри и дека осомничениот поднел пријава против нејзината ќерка, со тврдење дека таа го нападнала него. Таа најави дека нема да се откаже од кривичната пријава и дека ќе продолжи да бара одговорност за случајот.
„Јас ја израснав сама, 21 година. Нема да дозволам некој да ми го уништи чупето. Ќе одам до крај, секој ден ако треба, додека не излезе правдата за мојата ќерка“, рече Ангеловска.
Таа упати порака до сите жени и девојки кои се соочуваат со насилство да не молчат и да побараат помош.
Дополнително, најавен е и протест за 25 ноември, среда, во 17 часот, во паркот „Жена борец“ во центарот на Скопје.
Протестите следуваат по последниот случај на насилство, во кој 26-годишната Сара Ѓорѓиеска од Охрид беше брутално претепана од нејзиниот 31-годишен партнер. Против него е поднесено обвинение за три кривични дела, а судот му одреди 30-дневен притвор.
„Ниту една повеќе!“ најави нов протест и блокада пред Владата









