Повеќе од 50 отсто од децата на возраст до шест години во земјава не се опфатени со предучилишно образование. Ова го истакнаа од УНИЦЕФ по повод Светскиот ден на детето, нагласувајќи дека е неопходно да се овозможи поголема достапност до квалитетни и инклузивни градинки.
По тој повод, УНИЦЕФ и Македонската берза организираа симболично звонење на берзанското ѕвонче, со кое ја истакнаа важноста на вложувањата во децата и создавањето подобри услови за нивниот развој.
Од УНИЦЕФ посочија дека во услови на намален наталитет, особено важно е секое дете да добие можност да ги развие своите способности и потенцијали. Според нив, грижата за децата не треба да се однесува само на образовните институции, туку и на пошироките општествени и економски политики.
„Одлуките што ги носиме денес го обликуваат светот на децата што ќе го наследат утре. Децата можеби не седат во салите за состаноци кога се носат деловни и инвестициски одлуки, но она што се случува таму им го обликува животот“, беше истакнато на настанот.
Беше посочено и дека деловниот сектор има влијание врз условите во кои растат децата, преку работните места и приходите на нивните родители, производите и услугите што им се достапни, како и развојот на заедниците.
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, порача дека проширувањето на пристапот до предучилишно згрижување и подобрувањето на неговиот квалитет се меѓу приоритетите на Министерството.
Тој нагласи дека раното детство е клучен период за формирање на личноста, развој на способностите и стекнување самодоверба, поради што вложувањата во оваа област имаат значење и за идниот развој на општеството.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, истакна дека секое дете треба да има услови за учење и развој, во средина што ќе го поттикнува неговото истражување и самостојност.
Таа посочи дека Министерството континуирано ги зголемува инвестициите во основното образование, како преку подобрување на образовната инфраструктура, така и преку унапредување на квалитетот на наставата и училишното искуство.
Светскиот ден на детето се одбележува на 20 ноември, во знак на усвојувањето на Декларацијата за правата на детето во 1959 година и Конвенцијата за правата на детето во 1989 година.









