Бројот на заболени од сезонски грип во земјава бележи значителен пораст. Во периодот од 9 до 15 ноември се пријавени 154 нови случаи, што е за 37,5 отсто повеќе во споредба со претходната недела, кога биле регистрирани 112 заболени.
Според најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), бројот на новозаболени е зголемен и во однос на истиот период минатата година, кога биле евидентирани 117 случаи. Во споредба со просекот за истиот период во последните 16 сезони, актуелната бројка е повисока за 73,2 отсто.
Најголем број заболени се регистрирани во Тетово, каде минатата недела имало 49 случаи. Во Скопје се пријавени 38, а во Куманово 19 случаи. Следуваат Радовиш со 12, Велес со осум, Гостивар со седум, Прилеп со пет и Струмица со три заболени.
По два случаи се евидентирани во Ресен, Неготино, Охрид и Штип, додека Гевгелија и Македонски Брод имаат по еден новозаболен.
Според возрасната структура, најпогодена е популацијата од 15 до 64 години, во која припаѓаат 102 од новозаболените. Кај лицата над 65 години се регистрирани 22 случаи, кај децата до четири години 16, а кај возрасната група од пет до 14 години – 14 случаи.
Лабораториските анализи на 64 примероци доставени до ИЈЗ потврдиле четири случаи на грип, од кои три се од типот Influenza A, без утврден подтип, а еден е Influenza A(H3). Дополнително, потврдени се и три позитивни примероци на ковид-19.
Од почетокот на сезоната 2026/2027, во земјава се пријавени вкупно 609 случаи на грип од 19 центри за јавно здравје и нивните подрачни единици. Ова е за 6,7 отсто повеќе во споредба со истиот период минатата сезона, кога биле регистрирани 571 случај.
Најголем број заболени и на кумулативно ниво има Тетово со 198 случаи, а најголемиот дел од досега евидентираните заболени се на возраст од 15 до 64 години – вкупно 438 лица, односно 71,9 отсто.
Во меѓувреме, продолжува вакцинацијата против сезонски грип, која започна на 21 октомври. Според податоците на Управата за електронско здравство, досега бесплатна вакцина примиле 25.458 лица од ризичните категории.
Од ИЈЗ потсетуваат дека вакцинацијата е особено важна за лицата над 65 години, хронично болните, децата, бремените жени и здравствените работници. Заинтересираните граѓани од ризичните групи можат да закажат вакцинација преку платформата vakcinacija.mk.
Здравствените препораки се однесуваат на редовно миење и дезинфекција на рацете, проветрување на просториите и избегнување поголеми собири и близок контакт со лица кои имаат симптоми на респираторна инфекција.
Граѓаните кои имаат симптоми на грип треба да останат дома, да одмораат и да внесуваат доволно течности, а при влошување на состојбата или продолжено траење на симптомите да побараат лекарска помош.









