Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, уверува дека факултетите во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) нема да се соочат со нови исклучувања на електричната енергија, и покрај натрупаните долгови кон снабдувачот.
Јаневска потврди дека универзитетот има неплатени сметки за електрична енергија, но посочи дека обврските редовно се подмируваат. Како аргумент го наведе и ребалансот на буџетот, кој вчера беше објавен во „Службен весник“.
Нејзината изјава доаѓа откако вчера дел од факултетите и зградата на Ректоратот останаа без струја поради неплатени сметки. Електричната енергија им беше повторно вклучена по неколку часа, а според медиумските информации, на УКИМ му бил оставен рок до петок да го намири долгот.
„Редовно ги сервисираме тие долгови и длабоко сум убедена дека нема да имаме ваков проблем“, изјави Јаневска при посетата на Институтот за историја на Филозофскиот факултет, по повод 80-годишнината од неговото основање.
Одговарајќи на новинарско прашање за проблемите со дигиталните билети за студентски превоз во автобусите на ЈСП „Скопје“, министерката рече дека не е запознаена со поплаките на студентите.
Сепак, додаде дека доколку постои проблем со функционирањето на билетите, очекува раководството на ЈСП итно да го реши.
Левица: УКИМ остана без струја поради долгови, опасност од исклучување има и за „Пошта“









