Нови 45,2 милиони денари се префрлени од Централниот буџет кон Развојната банка за поддршка на инвестициите на домашните компании. Со оваа транша, вкупната финансиска поддршка од унгарската кредитна линија достигна 14,9 милијарди денари, односно околу 242 милиони евра, од вкупно планираните 250 милиони евра.
Средствата се обезбедени преку кредит од Унгарската експорт-импорт банка, а нивната цел е поттикнување на инвестициите во приватниот сектор и поддршка на економскиот раст. Парите се пласираат преку Развојната банка и деловните банки до домашните компании.
Кредитите се одобруваат под поволни услови, со фиксна каматна стапка од 1,95 проценти, рок на отплата до 15 години и грејс-период до три години.
Првата транша од Буџетот кон Развојната банка беше исплатена во март минатата година. Со најновото префрлање, остануваат уште околу осум милиони евра до целосното искористување на предвидените 250 милиони евра.
Мерката е наменета за финансирање приватни инвестиции, со очекување компаниите преку поволните кредити да ги прошират капацитетите, да набават опрема и да ги унапредат своите деловни активности.









