Раководителот во Дирекцијата за заштита и спасување, кој претходно беше уапсен под сомнение за примање поткуп, сега е опфатен со истражна постапка на Основното јавно обвинителство Скопје. Според обвинителството, тој побарал и примил 32.000 денари за да издаде согласност за елаборат кој не ги исполнувал условите за градба во делот на заштитата од пожари, експлозии и опасни материи.
Осомничениот бил вработен во одделението за издавање урбанистички согласности во Дирекцијата, каде што имал овластување да дава мислења и да издава согласности за просторни и урбанистички планови, проекти и елаборати.
Обвинителството наведува дека парите ги побарал и ги примил за да изврши службено дејствие што не смеел да го направи, односно да даде позитивна согласност и покрај неисполнетите услови.
Јавниот обвинител побарал од судијата на претходна постапка да му биде определен притвор. Како причини се наведуваат опасност од бегство, можност за повторување на делото и ризик од влијание врз сведоци.









