Американскиот претседател Доналд Трамп, рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот лидер Си Џинпинг ја започнаа историската трилатерална средба во кинескиот град Шенжен, на маргините на самитот на АПЕК. Ова е првпат тројцата лидери на најголемите нуклеарни сили да одржат заеднички разговори.
Пред трилатералниот состанок, Трамп одделно се сретна со Путин и Си. Средбата со рускиот претседател траела повеќе од половина час, а од Кремљ соопштија дека разговарале за војната во Украина и билатералните односи. Според рускиот претставник Јуриј Ушаков, разговорот поминал добро, а Путин ја напуштил средбата во одлично расположение. Трамп, пак, го нарече рускиот лидер „пријател“ и изрази надеж дека од разговорите ќе произлезат позитивни резултати.
Во разговорот со Си, американскиот претседател ја пофали нивната лична релација и оцени дека двете земји постигнале подобра рамнотежа во трговските односи. Кинескиот лидер порача дека односите меѓу Пекинг и Вашингтон се стабилни и се подобруваат, додавајќи дека сака соработката да продолжи врз основа на почитување, правичност и реципроцитет.
На почетокот на заедничката средба, Трамп ја истакна потребата од разговори за намалување на нуклеарното оружје. „Трите најголеми нуклеарни сили во светот се во единствена позиција да разговараат за тоа како да се намали бројот на нуклеарно оружје на Земјата“, рече тој, признавајќи дека откажувањето од нуклеарниот арсенал е исклучително тешко.
Трамп потврди дека на разговорите ќе биде отворено и прашањето за војната во Украина, за која претходно имал долг разговор со Путин. Тој оцени дека нема да биде лесно да се постигнат конкретни резултати, но дека средбата претставува можност за решавање на важни меѓународни прашања.
И покрај историското значење на собирот, аналитичарите не очекуваат големи договори поради длабоките разлики меѓу трите сили околу Украина, Иран, нуклеарното оружје и трговијата. Средбата, сепак, се следи со внимание и поради стравувањата дека договорите меѓу големите сили би можеле да ги занемарат интересите на помалите држави.









