Судењето против поранешната градоначалничка на Тетово, Теута Арифи, обвинета за злоупотреба на службената должност, продолжи денеска со сослушување на седум сведоци, пренесува ТВ21. Пред судот сведочеа четири лица кои претходно биле ангажирани со договори на дело во различни општински сектори, како и тројца внатрешни ревизори на Општина Тетово.
Предметот се однесува на сомнежите за злоупотреби при склучувањето договори на дело, со кои, според обвинението поднесено по пријава од Општина Тетово, општинскиот буџет бил оштетен за околу еден милион евра. Станува збор за 546 договори, од кои за 268 ангажирани лица немало извештаи за извршената работа, додека за други 248 такви извештаи биле доставени.
При испрашувањето од обвинителството и одбраната, внатрешните ревизори посочиле дека контролата била спроведена на барање на актуелниот градоначалник Билал Касами, во периодот од јануари до март 2022 година. Тие потврдиле дека ангажирањата биле реализирани директно од Општина Тетово, а не преку агенција.
Одбраната со вкрстени прашања побарала појаснување дали лицата ангажирани со договори на дело имале законска обврска да имаат точно определено работно место и фиксно работно време.
По завршувањето на рочиштето, Арифи се изјасни за невина и го оцени процесот како понижувачки за граѓаните кои биле ангажирани во општината.
„Станува збор за кривична пријава од страна на актуелниот градоначалник, а вие бевте внатре и ги слушнавте сведоците кои кажаа дека оделе, дека биле на работното место. Ниско е и срамно граѓаните на овој град кои извршувале некаква работа, каква и да била таа, да бидат повикувани и влечени по судови за да даваат изјави пред судовите“, изјави Арифи.
Таа рече дека немала намера да направи каква било грешка и дека секогаш се обидувала да им помогне на граѓаните.
„Не е проблем, јас немам направено ниту една грешка со намера. Секогаш сум се обидувала да му бидам од помош на мојот граѓанин. Ќе го следите процесот и верувам дека судските органи ќе имаат интегритет да одлучат како што треба за секој граѓанин на оваа држава“, изјави обвинетата.
Судијата Реџеп Муса следното рочиште го закажа за 1 декември во 10 часот. На него се очекува да бидат прочитани материјалните докази, како и да бидат сослушани уште еден сведок и еден вештак.









